Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ склучи вонсудски договор со земјата од Југоисточна Азија поради корупцискиот скандал и скандалот со перење на пари во малезискиот државен фонд за инвестиции „1Malaysia Development Berhad“ (1MDB),
Малезиското Министерство за финансии во петокот го потврди договорот вреден 3,9 милијарди долари, пренесува „Bloomberg“.
Договорот вклучува директна исплата од 2,5 милијарди долари на малезиската држава. Уште 1,4 милијарди американски долари од запленетите средства од „1MDB“ се очекува да бидат вратени со помош на „Goldman Sachs“ и Министерството за правда на САД.
„Овој договор претставува средства кои со право му припаѓаат на малезискиот народ“, рече министерот за финансии Тенгку Зафрул Абдул Азиз, кој рече дека е задоволен од добиените суми.
„Добиваме повеќе пари од Голдман Сакс отколку во претходните обиди, кои беа далеку под очекувањата“, додаде тој.
Од друга страна се очекува малезиските власти да ги отфрлат кривичните пријави против извршните директори на „Goldman Sachs“ и нема да истражуваат нови врски поврзани со скандалот.
Во 2018-та година, тогашниот малезиски премиер Наџиб Разак беше дел од аферата заедно со своите колешки, која вклучуваше злоупотреба на државните средства. Менаџерите на „Goldman Sachs“ се обвинети дека се вклучиле во криминални активности околу „1MDB“ за да добијат профитабилни договори.
Според Министерството за правда на САД, високи функционери на фондот и нивните партнери злоупотребиле повеќе од 4,5 милијарди долари од државниот фонд „1MDB“, кој требаше да ја стимулира малезиската економија. Парите, наводно, биле користени за поткуп на владини службеници, финансирање на „црната каса“ на поранешниот премиер Наџиб Разак.
Во Декември, 2018 година, Малезија поднесе кривична пријава против 17 сегашни и поранешни директори на подружници на американската банка „Goldman Sachs Group Inc.“ во врска со истрагата за повеќе милијарди долари за корупција во малезискиот државен фонд „1MDB“.
Самата банка постојано негираше какво било лошо работење и во повеќе наврати рече дека некои членови на поранешната малезиска влада и фондот „1MDB“ ја излажале „Goldman Sachs“, надворешениот адвокат и други за користење на приходите од самите трансакции (продажба на обврзници).
Малезија соопшти дека ќе бара компензација од 7,5 милијарди долари од „Goldman Sachs“ за своите зделки со државниот инвестициски фонд „1MDB“, кој беше формиран во 2009-та година од тогашниот премиер Наџиб Разак.