
Во понеделник, во периодот од 14:15 до 15:15 часот, учесниците на јавната берзанска аукција ќе ги внесуваат цените што се подготвени да ги платат за пакетот акции што го носи статусот на мнозински сопственик во Алта банка Битола. Почетната цена е 3.777 денари, а минималниот износ за понудените 372.742 обични акции е 1,4 милијарди денари или 22,9 милиони евра.
На продажба по моделот „сѐ или ништо“, пакетот е понуден од страна на Народната банка, а плаќањето е во готово.
Доколку на јавната берзанска аукција не биде склучена трансакција, аукцијата ќе продолжи во деновите 01.12, 02.12, 03.12, 04.12 и 07.12.2026 година, информираат од Македонска берза. Секој нареден ден почетната продажна цена ќе се намалува за 10 отсто во однос на претходното ценовно ниво.
„Посебни услови кои треба купувачите да ги исполнат е да имаат добиена претходна Согласност од Извршниот одбор на Народната банка за стекнување со својство на акционер со квалификувано учество во Банката согласно одредбите од Законот за банките и поднесена писмена Изјава дека ќе ги уплатат средствата за купување на акциите“, наведено е во објавата на Македонска берза.
Притоа се напоменува дека порамнувањето на трансакциите ќе се изврши на вториот работен ден од денот на нивното склучување.
Засега е извесно дека на јавната берзанска аукција ќе учествува Комерцијална банка, која единствена официјално потврди дека е заинтересирана за стекнување на пакетот што обезбедува сопственост од 95,3360 отсто во Алта банка Битола.
Аналитика








