ПОВЕЌЕ

    АДПФ: За сигурни пензии на 640.000 осигуреници потребни се јасни правила и реформи засновани на пресметки

    Време зa читање: 7 минути

    Од 45 до 60 дена доцни преносот на веќе наплатените пензиски придонеси во вториот столб. За тоа време, парите не се инвестираат во корист на осигурениците. Истовремено, во законските измени се отвора прашањето како ќе биде регулирана стапката од шест проценти од бруто-платата што се издвојува за вториот столб. Ова се двете прашања за кои Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) бара итни решенија. За пошироките реформи, пак, инсистира на јавни податоци, актуарски пресметки и процена на долгорочните последици врз идните пензии.

    Во задолжителните пензиски фондови се акумулирани 3,5 милијарди евра, од кои 1,26 милијарди евра, или 36 проценти, се резултат на инвестирањето. Во системот членуваат повеќе од 640.000 осигуреници, чии идни пензиски примања зависат и од висината и редовноста на уплатите, остварените приноси и законските решенија што ќе се применуваат во следните децении.

    Овие податоци и барања беа претставени на прес-конференцијата што следуваше по меѓународната конференција „Одржливи пензиски системи, меѓународни искуства и предизвици“, што се одржа во Скопје, со учество на експерти од Хрватска, Полска, Словенија, Романија и Македонија.

    Конференцијата беше организирана во рамките на кампањата „Твоја патека, твоја иднина“, од АДПФ и нејзините членки – Сава пензиско друштво, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво, со поддршка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

    Претседателот на АДПФ, Маријан Николовски, порача дека стабилноста на пензискиот систем зависи од јасни законски правила, навремено префрлање на средствата и реформи чии ефекти се претходно пресметани.

    „По денешната размена на искуства со колегите од регионот и пошироко, сакам да се осврнам на тоа што тие искуства значат за Македонија и што можеме да направиме уште денес за да обезбедиме сигурни пензии за идните генерации, а тоа е – придонесот за вториот столб да биде јасно утврден со закон, веќе наплатените придонеси навреме да стигнуваат на сметките на членовите, а за секоја поширока реформа да разговараме врз основа на јавно достапни податоци и актуарски пресметки“, потенцираше Николовски.

    Според Иван Стојановиќ, член на раководството на АДПФ, стапката од шест проценти од бруто-платата што се издвојува за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување мора да остане недвосмислено утврдена во законската регулатива.

    АДПФ го поздравува појаснувањето на Владата дека вториот столб продолжува да функционира и дека стапката останува шест проценти. Сепак, кога бил објавен предлогот за бришење на членот 120 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, одредбата со која истата стапка треба да се регулира во друг закон сè уште не била објавена на ЕНЕР.

    Поради тоа, Асоцијацијата побарала двете законски измени да бидат усогласени и да стапат во сила истовремено, за да не се создаде правна неизвесност околу придонесот за вториот столб.

    Вториот проблем на кој укажа АДПФ е доцнењето на преносот на придонесите од Фондот на ПИОМ кон задолжителните пензиски фондови. Според податоците со кои располага Асоцијацијата, доцнењето изнесува од 45 до 60 дена, додека Државниот завод за ревизија за 2024 година констатирал просечно доцнење од околу два месеци.

    Станува збор за средства што веќе се наплатени, но треба да бидат пренесени во задолжителните пензиски фондови за да се распределат на индивидуалните сметки на членовите.

    Како што посочи Стојановиќ, во периодот на доцнењето овие пари не се инвестираат и не остваруваат принос за осигурениците. АДПФ бара системски да се отстранат причините што го забавуваат преносот.

    Стојановиќ ги претстави и податоците на МАПАС за приносите на задолжителните пензиски фондови.

    Во 12-месечниот период до 30 септември 2026 година, фондовите оствариле над осум проценти номинален и 5,07 проценти реален принос.

    Од почетокот на работењето, просечниот годишен номинален принос изнесува 5,48 проценти, а реалниот, односно приносот коригиран за инфлацијата, 2,27 проценти.

    Тој нагласи дека при споредувањето на резултатите секогаш треба да биде јасно за кој период се однесуваат приносите и дали станува збор за номинални или реални показатели.

    Од вкупно 3,5 милијарди евра акумулирани во вториот столб, 1,26 милијарди евра, односно 36 проценти, се резултат на инвестирањето, наведе Стојановиќ.

    Според пресметката што ја презентираше, на секои 100 евра вкупен принос остварен за членовите, просечната годишна нето-добивка на пензиските друштва изнесува 22 евроценти.

    АДПФ ги повика членовите редовно да ја проверуваат состојбата на индивидуалните сметки преку електронските платформи на пензиските друштва, а официјалните податоци за приносите да ги следат преку МАПАС.

    Во однос на предлозите за намалување или замрзнување на стапката на придонес за вториот столб, како и за можноста за воведување хибриден пензиски модел, АДПФ побара сеопфатна анализа на целиот пензиски систем.

    Според Стојановиќ, намалувањето на придонесот во вториот столб би значело помала акумулација на индивидуалните пензиски сметки и поголем товар врз првиот столб.

    Анализата, според Асоцијацијата, треба да даде одговор каква висина на пензиите треба да обезбеди системот, колку ќе чини тоа и од кои извори ќе се финансира. Во неа треба да бидат опфатени и условите за пензионирање, минималните пензии и односот меѓу солидарноста и правата стекнати врз основа на работниот стаж и уплатените придонеси.

    Од АДПФ предупредуваат дека користењето средства наменети за идните пензии за краткорочно ублажување на буџетскиот дефицит може да го пренесе товарот на демографските предизвици врз идните генерации.

    Асоцијацијата побара јавно да бидат објавени и анализите на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на кои се повикува јавната дебата, за стручната јавност да има увид во податоците, претпоставките и актуарските пресметки.

    Стојановиќ посочи дека досега достапните извештаи главно упатуваат на промени во старосната граница за пензионирање и формулите за усогласување на пензиите, избегнување ад хок корекции, поголема формализација на вработувањата и подобра наплата на придонесите.

    Секретарот на АДПФ, Татјана Бојковска, посочи дека успешните пензиски системи се потпираат на повеќе извори на пензиски доход, особено во земји што се соочуваат со изразени демографски предизвици.

    Според неа, потребна е рамнотежа меѓу солидарноста и индивидуалното штедење, но и меѓу висината на пензиите што се исплаќаат денес и долгорочната способност на системот да ги финансира идните обврски.

    Таа нагласи дека повеќестолбните системи се застапени меѓу најуспешните пензиски модели во светот, а како пример за земја што воведува капитално финансирани извори на идни пензии ја посочи Германија.

    Бојковска објасни дека вториот столб овозможува дел од идната пензија да се обезбеди од средствата на индивидуалната сметка и од приносот од нивното долгорочно инвестирање.

    „Финансирањето на пензиите помалку зависи од бројот на вработени што во иднина ќе уплаќаат придонеси. Покрај приносот, врз висината на пензиската заштеда влијаат износот на придонесите, редовноста на уплатите и бројот на години во кои се уплаќаат“, истакна Бојковска.

    Како пример за натамошен развој таа го издвои хрватското искуство, каде што постојат повеќе пензиски фондови приспособени на различните инвестициски хоризонти на членовите.

    На конференцијата се разговараше и за поширока диверзификација на вложувањата и модернизација на инвестициската рамка. Бојковска нагласи дека ефектите од пензиските реформи се мерат во децении, поради што одлуките бараат стручност, долгорочна визија и стабилност на политиките.

    Во меѓународната расправа учествуваа д-р Предраг Бејаковиќ од Институтот за јавни финансии во Загреб, д-р Мачеј Битнер од Варшавската берза на хартии од вредност, Алеш Ипавец од НЛБ во Словенија и Дорин Александру Бадеа од Романија, коизвршен партнер во Атриум Капитал и независен член на Надзорниот одбор на Банката за инвестиции и развој на Романија.

    Од домашните експерти учествуваа д-р Благица Петрески, главен економист и извршен директор на Finance Think, и Ристо Бајатов, актуар во Сава пензиско друштво.

    На прес-конференцијата, од страна на АДПФ, учествуваа и Снежана Станковиќ, Весна Стојановска и Тихомир Петрески.

    АДПФ смета дека дел од прашањата не треба да чекаат сеопфатна пензиска реформа. Меѓу нив се законското усогласување на стапката од шест проценти и навремениот пренос на веќе наплатените придонеси.

    За поголемите промени во пензискиот систем, Асоцијацијата најави подготвеност да ги стави на располагање своите податоци, експертиза и повеќе од две децении практично искуство во разговорите со Владата, надлежните институции и стручната јавност. Повеќе од 640.000 членови на вториот столб можат да проверат колку пари имаат на своите сметки и каков принос оствариле. Но, за да знаат на каква пензија можат да сметаат во иднина, потребни се и јасни, предвидливи правила што нема да се менуваат без претходна анализа на последиците.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично