ПОВЕЌЕ

    Студентите против владината понуда за оброк: 4.500 денари веднаш, а не ваучери од октомври 2027 година

    Време зa читање: 4 минути

    Повеќе пари за студентски оброк, но на постојните платежни картички и без чекање до следната академска година. Оваа порака Националното студентско тело ќе ја испрати до Министерството за образование и наука, откако речиси 80 отсто од студентите што учествувале во анкетата се изјасниле против предложениот нов ваучерски систем. На одговор студентите ќе чекаат две недели. Ако изостане, ќе излезат на протест.

    Од околу 7.000 студенти што учествувале во онлајн анкетата, 97 отсто го поддржале зголемувањето на субвенционираниот оброк на 4.500 денари месечно, односно околу 180 денари дневно, независно од тоа дали ќе биде воведен нов модел. Истовремено, 79,5 отсто се изјасниле дека сакаат да го задржат постојниот систем со платежни картички, информираа од Националното студентско тело.

    Во изминатиот период јавната дискусија била насочена кон новиот систем, наместо кон главното барање на студентите – усогласување на дневниот износ од 140 денари со инфлацијата, посочи претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска. Како што рече, зголемувањето треба да се случи веднаш, а не од октомври 2027 година, кога Владата планира да го воведе новиот модел.

    „Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала – износот треба секоја година да расте според инфлациската стапка по секоја фискална година. Сега сум четврта година на студии и досега само еднаш е покачен студентскиот оброк, кога бев прва година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк“, изјави Василевска.

    За поволностите што се најавуваат преку новата апликација, таа посочи дека студентите веќе користат попусти во многу угостителски објекти, ресторани, пекарници и компании и дека тоа „не е некоја нова мерка“. Одложувањето на новиот модел до октомври 2027 година го оцени како „одолговлекување и уште една година извисување на студентите“.

    Владиниот предлог што премиерот Христијан Мицкоски го образложи на крајот од октомври, предвидува замена на постојниот начин на користење на субвенционираниот оброк со дигиталната услуга „М-Студентски оброк“, интегрирана во апликацијата „М-Услуги“.

    „Имаме чувство, но и делумни информации дека голем дел од корисниците на студентскиот оброк, средствата коишто ги добиваат на дебитните картички не ги користат токму за студентски оброк, туку ги користат за нешто друго. По промоцијата на новите услуги, М-Услуги, излеговме со еден предлог со министерката: наместо картички и сегашните 3,5 илјади денари месечно, ајде да направиме на оваа апликација М-Услуги да додадеме М-Студентски оброк, со што вашите 3,5 денари сега што ги добивате ќе вредат 4,5 илјади денари. И притоа ние, користејќи ја таа апликација, да обезбедиме список на ресторани, маркети, млечни ресторани итн каде што вие навистина ќе можете користејќи ја таа апликација да купувате храна, бидејќи станува збор за студентски оброк“, рече тогаш Мицкоски.

    Според претставениот модел, трговците и угостителските објекти што ќе се вклучат во системот би обезбедувале попусти од 20 до 25 проценти. Со тоа, Владата предвидува студентите да добиваат поголема куповна вредност за постојните средства, а попустите би можеле да ги користат и откако ќе го потрошат месечниот износ за студентски оброк, до крајот на месецот.

    Апликацијата би користела и вештачка интелигенција за да се обезбеди средствата да се трошат исклучиво за храна.

    Националното студентско тело најави дека резултатите од анкетата и барањата ќе ги достави до Министерството за образование и наука. Студентите оставаат рок од две недели – една за разгледување на барањата и уште седум дена за одговор од Министерството.

    Доколку барањата не бидат исполнети, најавуваат излегување на протест.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично