Повеќе пари за пензии, здравство, образование и градинки. Пензиската сметка во 2027 година треба да надмине две милијарди евра, за здравството се планираат дополнителни 2,8 милијарди денари, а средствата за основното образование треба да пораснат за 20 насто. Најголемиот процентуален скок е предвиден кај градинките – дури 380 насто. Зголемувања се најавуваат и за средното образование, ученичкиот и студентскиот стандард.
Ова се дел од буџетските приоритети за 2027 година што ги претстави пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, на денешната прес-конференција. Притоа нагласи дека зголемените издвојувања се насочени кон подобрување на животниот стандард и јавните услуги.
„Пристапот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е државата да биде насочена кон граѓаните, јавните средства да се користат одговорно и секоја инвестиција да има јасна цел, подобар и поквалитетен живот“, вели Панова.

За исплата на пензиите се планирани 123,8 милијарди денари (2,01 милијарда евра). Тоа е за 5,6 милијарди денари или 91 милион евра повеќе во однос на 2026 година.
Покрај пензиите, во буџетските планови за 2027 година се најавуваат и поголеми издвојувања за здравството, образованието, ученичкиот и студентскиот стандард, како и за градинките.
За социјални надоместоци се предвидени 14,3 милијарди денари, наменети за поддршка на најранливите категории граѓани, семејствата и поединците на кои им е потребна помош.
За здравствена заштита во 2027 година се планирани 58,7 милијарди денари, што претставува зголемување за 2,8 милијарди денари во споредба со 2026 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека за медицинска опрема се предвидени 198 милиони денари, речиси 54 насто повеќе од претходната година.
Дополнително се посочува дека 115 милиони денари се наменети за набавка на нови медицински возила, а 65 милиони денари за проектот за новите клинички центри во Скопје и Штип.
Повеќе пари ќе има и за училиштата, студентите и градинките. Во основното образование издвојувањата треба да пораснат за 20 насто, на 2,4 милијарди денари, додека за средното образование се планирани 2,5 милијарди денари, што е раст од над 12 насто.
За ученичкиот стандард се предвидени 696 милиони денари, а за студентскиот 1,9 милијарди денари.
Продолжуваат и планираните инвестиции во високообразовната инфраструктура, меѓу кои довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Најголем процентуален раст, истакна Панова, се предвидува кај средствата за градинките. За нивна изградба, опремување и одржување во 2027 година се планирани 83,2 милиони денари, што е зголемување од 380 насто во однос на 2026 година.
Во тој контекст таа нагласи дека ваквите буџетски издвојувања се насочени кон подобрување на животниот стандард и јавните услуги:
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи на создавање држава во која пензионерите ќе имаат сигурност и достоинствен живот, семејствата ќе добиваат поголема поддршка, децата ќе имаат подобри услови за образование и развој, студентите ќе имаат поквалитетен стандард, а младите ќе добијат повеќе причини својата иднина да ја градат во Македонија“.
Аналитика








