„Црниот петок“, кој годинава се одбележува на 27 ноември, одамна престана да биде само еден ден на големи попусти. Трговците ги започнуваат промотивните кампањи со недели порано, а купувачите сè почесто ги следат цените и понудите преку интернет. За годинашниот „Црн петок“, компанијата Adobe прогнозира рекордни 12,9 милијарди долари онлајн-продажба само во САД, додека Националната федерација за малопродажба (NRF) очекува 182,7 милиони Американци да купуваат во текот на петдневниот празничен период. Истовремено, сè почеста е дилемата колку се реални огласените попусти и дали купувачите навистина добиваат пониски цени.
Според прогнозата на Adobe Analytics, онлајн-продажбата во САД на „Црниот петок“ годинава ќе достигне 12,9 милијарди долари, што е раст од 9,2 проценти во однос на 2025 година. Лани, американските потрошувачи на овој ден потрошиле рекордни 11,8 милијарди долари преку интернет. Прогнозата на Adobe се однесува исклучиво на електронската трговија, без продажбата во физичките продавници.
Уште поголема онлајн-продажба се очекува за „Сајбер понеделник“, на 30 ноември, кога според Adobe потрошувачите би можеле да потрошат 15,1 милијарда долари. За целиот петдневен период, кој започнува со Денот на благодарноста и завршува со „Сајбер понеделник“, се прогнозираат 47,5 милијарди долари онлајн-продажба. За двата последни месеца од годината, Adobe очекува вкупната интернет-продажба во САД да достигне рекордни 275,1 милијарда долари, со годишен раст од 6,7 проценти.
КУПУВАЧИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ ГО ЧЕКААТ ПОСЛЕДНИОТ ПЕТОК ВО НОЕМВРИ
Националната федерација за малопродажба прогнозира дека во петдневниот празничен период ќе купуваат 182,7 милиони Американци, нешто помалку од 186,9 милиони колку што се очекуваа во истиот период лани. Станува збор за споредба на предвидениот број купувачи, а не за остварените резултати. Реалната посетеност во 2025 година го надмина првичното очекување и достигна 202,9 милиони купувачи.
Според годинашното истражување на NRF, 126 милиони потрошувачи планираат да купуваат токму на „Црниот петок“, додека 66,1 милион го планираат тоа за „Сајбер понеделник“. Од потрошувачите што ќе купуваат на „Црниот петок“, 89 проценти планираат онлајн-купување, а 67 проценти посета на физички продавници. Дел од нив ќе ги користат двата канала.
Сè поголем дел од потрошувачите започнуваат со празничните набавки уште пред ноември. Според NRF, 60 проценти од купувачите ја започнале сезоната до почетокот на месецот, наспроти 56 проценти во периодот пред пандемијата.
Алисон Зелер, потпретседателка за истражување на потрошувачите во NRF, оценува дека празничното купување се поместува кон сè порани датуми, но дека викендот по Денот на благодарноста останува еден од најважните периоди за американската трговија. Според неа, купувачите продолжуваат да бараат поволни понуди, додека трговците ја користат традицијата за да привлечат потрошувачи во продавниците и на интернет.
Ваквата промена го создаде феноменот што трговската индустрија го нарекува „Црн ноември“ – период на промоции што трае речиси цел месец. Наместо да се натпреваруваат само кој прв ќе ги отвори продавниците во петок наутро, трговците денес се натпреваруваат со рани онлајн-понуди, ограничени акции, програми за лојалност и попусти што се менуваат во текот на повеќе недели.
КОЛКУ НАВИСТИНА СЕ НАМАЛУВААТ ЦЕНИТЕ?
Според Adobe, во текот на годинашната „Сајбер недела“ се очекуваат попусти што во одредени категории ќе достигнат до 30 проценти од огласената цена. Најголеми намалувања се прогнозираат кај електрониката, до 30 проценти, играчките до 29 проценти, телевизорите, компјутерите и облеката до 23 проценти, спортската опрема до 19 проценти и апаратите за домаќинство и мебелот до 18 проценти.
Ова не значи дека сите производи ќе бидат поевтинети за толку. Станува збор за највисоките очекувани нивоа на попусти по категории, а не за просечна заштеда на потрошувачите.
Adobe прогнозира дека најповолните понуди за телевизори, играчки, облека, мебел и апарати за домаќинство ќе бидат достапни на „Црниот петок“. За компјутери и друга електроника, пак, најголеми попусти се очекуваат на „Сајбер понеделник“.
Се менува и структурата на купувањето. Покрај традиционално популарните електронски уреди, облеката и играчките, сè повеќе потрошувачи ги користат сезонските акции за набавка на производи за секојдневна употреба. Adobe очекува за време на „Сајбер неделата“ продажбата на основни парчиња облека да порасне за 210 проценти, а на производи за лична хигиена за 150 проценти, во споредба со просечните нивоа на продажба во септември 2026 година.
ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КАКО СОЈУЗНИК ВО ШОПИНГОТ
Годинашниот „Црн петок“ носи уште една промена: сè поголема употреба на алатки со вештачка интелигенција при пребарување, споредување и избор на производи.
Според истражувањето на NRF, 59 проценти од потрошувачите што планираат да купуваат за празничниот викенд имаат намера да користат алатки со вештачка интелигенција. Најчесто ги користат за препораки на производи, избор на подароци, следење на буџетот и пронаоѓање најповолни цени.
Adobe прогнозира дека сообраќајот кон американските интернет-продавници што доаѓа преку ВИ-алатки ќе порасне за 130 проценти во текот на целата празнична сезона во споредба со лани.
Фил Рист, извршен потпретседател за стратегија во Prosper Insights & Analytics, оценува дека вештачката интелигенција станува дополнителна алатка што им помага на потрошувачите полесно да истражуваат производи и да пронајдат поволни понуди.
Паралелно расте и користењето на услугите „Купи сега, плати подоцна“ (Buy Now, Pay Later). Според Adobe, преку ваквите начини на плаќање во ноември и декември во САД се очекуваат онлајн-набавки во вредност од 21,3 милијарди долари, што е раст од 6,6 проценти на годишно ниво.
ЛАЖНИТЕ ПОПУСТИ ПОД ЛУПА
Големите продажни кампањи се предмет и на засилен надзор од институциите за заштита на потрошувачите.
Европската комисија во март 2026 година објави резултати од координирана проверка на 314 интернет-трговци во 23 земји членки на ЕУ, Исланд и Норвешка. Контролата покажала дека 30 проценти од проверените трговци неправилно ги прикажувале попустите. Кај 18 проценти биле забележани техники за притисок врз купувачите, како пораки за ограничени количини и временски бројачи, а повеќе од половина од тие случаи биле оценети како заведувачки.
Во десет проценти од проверените продавници биле забележани и дополнителни трошоци што се појавуваат дури во завршната фаза од купувањето.
Во Европската Унија, при огласување намалување на цената, како основа за споредба се користи најниската цена што трговецот ја применувал во претходните 30 дена.
И во Македонија Државниот пазарен инспекторат најави засилени контроли за време на годинашните акции за „Црниот петок“. Според соопштението објавено на 24 ноември, инспекторите ќе проверуваат дали попустите се реални, дали претходно биле неосновано зголемувани цените и дали рекламните пораки ги доведуваат потрошувачите во заблуда.
Посебно внимание ќе биде посветено на продажбата на бела техника, електронски уреди, мобилни телефони, компјутерска опрема, облека, обувки и мебел. Граѓаните можат да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или преку интернет-страницата на Инспекторатот.
ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА ИМЕТО „ЦРН ПЕТОК“?
Иако денес се поврзува со попусти и голема продажба, изразот „Црн петок“ првично немал позитивно значење за трговците.
Една од најраните познати употреби на терминот за денот по Денот на благодарноста е забележана во американското списание Factory Management and Maintenance во ноември 1951 година. Тогаш изразот се користел за да ја опише практиката работниците да се пријавуваат како болни во петокот по празникот, со цел да добијат четиридневен викенд.
Во Филаделфија, пак, полицијата започнала да го користи терминот за огромните сообраќајни метежи и толпите купувачи што го исполнувале градот по Денот на благодарноста. Употребата на овој израз е документирана во публикации од почетокот на шеесеттите години на минатиот век.
Трговците подоцна се обиделе да му дадат попозитивно значење, поврзувајќи го со преминот од загуба во профит во сметководствените книги. Но, според историските истражувања, ова објаснување се појавило дури во осумдесеттите години, многу подоцна од првичната употреба на изразот.
Интересно е што поврзаноста меѓу Денот на благодарноста и божиќната продажба влијаела дури и врз американската државна политика. Во 1939 година претседателот Френклин Д. Рузвелт го поместил празникот една недела порано, со намера да ја продолжи сезоната на купување и да ја поддржи економијата за време на Големата депресија. Промената предизвикала поделби меѓу американските сојузни држави, а во 1941 година Конгресот законски го утврдил Денот на благодарноста на четвртиот четврток во ноември.
ОД АМЕРИКАНСКА ТРАДИЦИЈА ДО ГЛОБАЛЕН ТРГОВСКИ НАСТАН
Во меѓувреме, „Црниот петок“ ги надмина границите на САД и стана глобален продажен настан. Денес го организираат трговци во Европа, Азија, Латинска Америка и во други региони, иако во повеќето од тие земји Денот на благодарноста воопшто не се слави.
Ширењето на електронската трговија и настани како „Сајбер понеделник“ дополнително го променија неговиот карактер. Во 2019 година, според NRF, „Црниот петок“ за првпат го надминал „Сајбер понеделник“ според бројот на американски потрошувачи што купувале онлајн, иако „Сајбер понеделник“ задржал повисока вкупна онлајн-продажба во долари.
Пандемијата во 2020 година го забрза преминот кон интернет-купување. Тогаш повеќе од 100 милиони Американци купувале онлајн на „Црниот петок“, според NRF, додека Adobe регистрирал интернет-продажба од девет милијарди долари.
Единствениот годишен пад на американската онлајн-продажба на „Црниот петок“ од 2019 до 2025 година бил забележан во 2021, кога продажбата се намалила од девет на 8,9 милијарди долари. Во следните години таа повторно растела, достигнувајќи 11,8 милијарди долари во 2025 година.
За 2026 година Adobe очекува нов рекорд од 12,9 милијарди долари за еден ден. Дали прогнозата ќе се оствари ќе биде познато по објавувањето на резултатите од годинашната распродажба на 27 ноември.
Аналитика








