ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) на САД неодамна откриле сајбер-упад што зафатил компјутерски мрежи кои не содржат доверливи податоци, но сепак се чувствителни. Според две лица запознаени со случајот, станува збор за редок инцидент што ги засега американските разузнавачки служби, објави Вашингтон Пост.
Упадот ги зафатил системите што ЦИА и ODNI ги користат за обработка на разузнавачки податоци од јавно достапни извори, но притоа не биле изложени никакви доверливи информации, наведоа тие.
Разузнавањето од јавно достапни извори (OSINT) опфаќа собирање и анализа на јавно достапни податоци – од содржини на социјалните мрежи и видеа, до веб-страници и бази на податоци. Ова станува сè поважен дел од работата на американските разузнавачки служби, покрај тајното прибирање на информации за противниците.
За упадот, кој се случил пред неколку недели, прв објави весникот „Њујорк тајмс“.
„Немаше нарушување на клучните капацитети или на системите што содржат доверливи податоци“, изјави претставник на ODNI. Од ЦИА одбија да дадат коментар.
Доверливите компјутерски системи на американските разузнавачки служби се дизајнирани да бидат високо заштитени од упади и, по правило, не се поврзани со јавниот интернет. Сепак, за собирање разузнавачки податоци од јавни извори (т.н. OSINT), на аналитичарите им е потребен пристап до надворешни веб-страници и мрежи.
Засега не е јасно кој стои зад овој упад. Ова е најновиот случај во низата сајбер-напади што овој месец ги погодија американските владини институции, вклучително и ФБИ и Министерството за земјоделство.
Претседателот Доналд Трамп оваа недела го именуваше Џеј Клејтон за вршител на должноста национален директор за сајбер-прашања, по серијата технички прекини што влијаеа врз авиокомпаниите, банките и широко користените софтверски платформи.
(Фото: RiverHouseWriter, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








