ПОВЕЌЕ

    ПРОПАДНА СВЕТСКИОТ КЛИМАТСКИ САМИТ: КОП 31 во Анталија не донесе договор околу фосилните горива, САД воопшто не учествуваа

    Време зa читање: 6 минути

    Глобалниот самит за климата, кој минатата недела се одржуваше во Турција беше неуспешен, е оценката на Си Ен Ен,  поради тоа што земјите не успеаја да постигнат договор за напуштање на фосилните горива.

    На завршниот состанок во неделата, на кој требаше да се усвои таканаречениот „Анталиски пакт“, стана јасно дека нема да се постигне потребниот консензус меѓу повеќе од 190-те земји учеснички за негово прифаќање. Во преговорите воопшто не ни учествуваа САД, кои под водство на претседателот Доналд Трамп се повлекоа од меѓународните активности поврзани со климата.

    Се покажа дека е невозможно да се надминат длабоките поделби околу клучните прашања и во завршниот документ, кој требаше да го попишат сите држави – учеснички, да се вклучи одредба дека светот мора да се откаже од фосилните горива, па таа фраза на крајот не влезе во договорот. Не влезе ниту заложбата за зголемувањето на финансиската поддршка за земјите што веќе се соочуваат со климатски катастрофи. Земјите чии економии зависат од нафтата, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Русија, исто така, силно се спротивставуваа на какво било спомнување на фосилните горива.

    Европската унија, Панама, Маршалските Острови и Норвешка беа меѓу оние што го отфрлија предлогот. Дара О’Брајан, ирскиот министер за клима кој е еден од предводниците на преговорите во име на ЕУ, изјави дека Унијата нема да поддржи договор во кој воопшто не се спомнуваат фосилните горива. “Оваа конференција (COP) беше ’киднапирана‘ од одредени земји-производители на нафта“, изјави тој подоцна за новинската агенција Ројтерс.

    Претседавачот со COP31, Мурат Курум, призна дека нема доволно поддршка за официјално усвојување на пактот. „Направивме сè што е во наша моќ“, рече тој, но „јасно е дека во оваа сала има страни што се противат на текстот. Констатираме дека не постои консензус за овој документ“.

    Кина – која е најголемиот светски загадувач во однос на климата, но истовремено и велесила во областа на чистата енергија – го опиша отсуството на консензус како „длабоко разочарување“. Како што пренесува кинеската државна новинска агенција „Синхуа“, шефот на кинеската делегација, Ли Гао, изјави дека исходот не би требало да доведе до „губење на довербата“ во способноста на земјите да соработуваат во справувањето со климатските промени.

    Според Ројтерс, рускиот делегат Сергеј Кононученко изјави дека не може да се согласи „на каква било формулација поврзана со фосилните горива“. Тој додаде дека „доколку понудата (на нафта и гас) се намалува побрзо од побарувачката, резултатот нема да биде намалување на емисиите, туку дефицит, ценовен шок, премин кон „повалкани“ видови горива и енергетска сиромаштија“.

    КАМЕНОТ НА СОПНУВАЊЕ – САМО ДВА ЗБОРА

    Преговорите се одвиваат во критичен момент за планетата. Додека вниманието е насочено кон геополитичките турбуленции — вклучително и војната во Иран, која предизвика најголем шок во глобалното снабдување со енергија — климатската криза се забрзува.

    Неодамнешниот, крајно отрезнувачки извештај на ОН потврди дека светот ќе ја надмине целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа. Според сегашните политики, се очекува температурите да се зголемат до потенцијално катастрофални 2,8 степени. Планетата моментално е загреана за околу 1,4 степени, а последиците се веќе сосема јасни – од катастрофалните поплави во Непал до смртоносните горештини во Европа.

    Сепак, COP31 го разоткри огромниот јаз помеѓу оние што бараат амбициозни мерки – честопати земјите што се најранливи на климатските промени – и нациите богати со нафта, кои се спротивставуваат на таквите чекори.

    Како и на претходните конференции COP, најголемата точка на спор се сведе на два збора: фосилни горива.

    На COP28 во Дубаи во 2023 година, земјите се согласија на повик без преседан за „транзиција подалеку од фосилните горива“. Оттогаш, тој повик ниту е повторен, ниту пак е надграден, бидејќи земјите производителки на нафта се противат на секое спомнување на главниот двигател на климатската криза.

    Првиот нацрт на „главната одлука“ од COP31 – која го дефинира сеопфатниот договор од конференцијата – беше објавен во понеделникот и повикуваше на „итна транзиција подалеку од фосилните горива во енергетските системи“.

    Но, сите спомнувања на фосилните горива беа отстранети од секој нареден нацрт, и покрај залагањето на повеќе од 100 земји тие да останат вклучени. „Не можете да ја решите кризата предизвикана од фосилните горива ако се преправате дека не треба постепено да ги укинуваме тие горива“, изјави Харџит Синг, ветеран во преговорите на COP и основач и директор на фондацијата „Satat Sampada Climate Foundation“.

    Главниот преговарач за климатски прашања на Велика Британија, Кејт Хјуз, изјави дека предложениот договор „нè враќа назад“, опишувајќи го како „најмал заеднички именител“, наместо да претставува „храбра, колективна амбиција за климатско дејствување“.

    Во меѓувреме, Ен Харисон, советничка за климатска правда во „Амнести интернешенел“ (Amnesty International), изјави дека земјите „со право го отфрлија“ она што таа го нарече „повелба за загадувачите, осмислена да го заштити корпоративниот профит“.

    Земјите и климатските групи беа загрижени и од упатувањето на договорот за зголемување на технологиите за зафаќање на јаглерод, што би овозможило продолжување на производството на фосилни горива, под услов загадувањето со јаглерод да се зафаќа пред да стигне до атмосферата.

    Иако многу научници велат дека количината на загадување со јаглерод значи дека оваа технологија ќе биде потребна до одреден степен, таа останува скапа, недокажана во голем обем и критикувана како опасно одвлекување на вниманието од климатските политики што се справуваат со основната причина за кризата.

    „Опирањето на зафаќањето на јаглерод без постепено намалување на фосилните горива е како обид да се откажете од пушењето без да ги оставите цигарите“, рече Мет Веб, заменик-директор за глобална дипломатија за чиста енергија во E3G, тинк-тенк за климата.

    Уште едно големо спорно прашање беа финансиите. Посиромашните земји, кои се ранливи на климатските промени, долго време бараат повеќе средства за да им се помогне да се прилагодат на климатските катастрофи – со кои тие се соочуваат непропорционално многу, иако имаат мал удел во нивното предизвикување.

    Многу земји во развој изразија длабоко разочарување што нацрт-договорот повикува на напори за најмалку тројно зголемување на финансирањето за адаптација до 2035 година, но не содржи почетна основа ниту конкретни бројки.

    „Богатите земји одбија да издвојат средства за да им помогнат на заедниците да се подготват за климатските катастрофи и да закрепнат од нив, а наместо тоа, им дадоа ’слободен премин‘ на загадувачите“, рече Синг. „Подобро е да нема никаков договор, отколку договор што гарантира неуспех.“

    Претседавачот со преговорите на COP31, Крис Боуен, изјави дека исходот е многу разочарувачки, но додаде дека од разговорите произлегле и „многу добри работи“, вклучително и заложбата на повеќе од 90 земји за забрзување на електрификацијата на нивните економии. „Она што следува е дека… ние ќе продолжиме со транзицијата кон обновливи извори на енергија, а следната година повторно ќе се сретнеме во Етиопија за да видиме дали можеме да постигнеме напредок“, рече тој.

    (Фото: протести за време на КОП31, Xuthoria, CC BY-SA 4.0)

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично