ПОВЕЌЕ

    Се брише членот за 6% во вториот пензиски столб: Власта уверува – парите нема да се пренасочат во ПИОМ

    Време зa читање: 5 минути

    Од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предлага да се избрише членот што ја утврдува стапката од шест проценти за уплата во вториот пензиски столб, но тоа не значи дека се укинува ниту столбот ниту придонесот што се издвојува за него. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, тврди дека станува збор за техничко и законско усогласување, со кое одредбата ќе биде пренесена во друг закон. Неговото објаснување следува по обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека предложените измени можат да ја доведат во прашање иднината на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

    Спорот го отвори членот 17 од нацрт-измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавени на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) на 11 ноември. Со него се предлага бришење на членот 120, во кој е утврдено дека шест проценти од основицата за плаќање придонеси се издвојуваат за вториот пензиски столб.

    Опозицијата предупредува на можни последици за пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани, додека министерот уверува дека средствата и понатаму ќе се уплаќаат во задолжителните приватни пензиски фондови, а законската основа ќе биде пренесена во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

    Во писмена изјава за ТВ 24, министерот Велковски ги отфрли обвинувањата дека Владата подготвува укинување на вториот пензиски столб.

    Според него, со предложените измени се врши усогласување на законската регулатива, а прашањата за задолжителните социјални придонеси системски ќе се уредуваат во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

    „Не се укинува вториот пензиски столб“, порача Велковски, објаснувајќи дека бришењето на членот 120 не претставува укинување на придонесот.

    Според информациите што ги објави ТВ 24, стапката од шест проценти треба да биде регулирана со нов член 25-а во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Предлог-измените на тој закон се очекува дополнително да бидат објавени на ЕНЕР.

    Со пошироката реформа се предвидува и промена во административното управување со задолжителните социјални придонеси. Во новиот систем, според најавите, нивната распределба би ја вршела Управата за јавни приходи, со користење на новиот регистар на задолжително социјално осигурување.

    Сепак, засега не е познато како ќе биде формулирана законската гаранција за издвојување на шесте проценти во вториот столб во рамките на другиот закон.

    Опозицискиот СДСМ реагираше дека со предложеното бришење на членот 120 се отстранува одредбата со која е утврдена распределбата на придонесите меѓу првиот и вториот пензиски столб.

    Маја Борозан од СДСМ предупреди дека доколку стапката не биде регулирана со друга законска одредба, би можело да се доведе во прашање понатамошното префрлање на придонесите во задолжителните приватни пензиски фондови.

    Опозицијата посочи и на финансиската состојба на ПИОМ. Според нивните тврдења, на Фондот му недостигаат близу една милијарда евра, а во изминатите месеци не биле префрлени околу 50 милиони евра во вториот пензиски столб.

    Борозан побара премиерот Христијан Мицкоски да објасни зошто се предлага бришењето на членот 120 и каде ќе се насочуваат придонесите што сега се издвојуваат во вториот столб.

    Постојниот член 120 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување има три става, со кои се утврдуваат стапката од шест проценти и начинот на распределба на придонесите меѓу двата пензиски столба.

    Со членот 17 од предложените измени се предвидува целосно бришење на таа одредба.

    Во образложението на нацрт-законот како една од целите се наведува усогласувањето со Законот за регистар на задолжително социјално осигурување, како и со Законот за системот за проценка на лица со попреченост. Се предвидуваат и други промени во работењето и надзорот на Фондот.

    Меѓутоа, во образложението не е конкретно објаснето како бришењето на членот 120 ќе биде усогласено со пренесувањето на стапката од шест проценти во друг закон.

    Каде одат придонесите – За платите од јули до декември годинава, вкупната стапка за задолжително пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9 проценти од законски утврдената основица.

    Кај осигурениците што се членови на вториот пензиски столб, шест процентни поени се издвојуваат за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, додека преостанатите 13,9 процентни поени се насочуваат во државниот пензиски фонд.

    Средствата во вториот столб се евидентираат на индивидуални сметки на членовите и со нив управуваат пензиските друштва, кои ги инвестираат во согласност со законските правила. Вредноста на заштедите зависи од уплатените придонеси, остварените инвестициски приноси и трошоците. Затоа прашањето за законската стапка не е само административно. Таа определува колкав дел од придонесите на осигурениците треба да биде издвоен за нивното капитално финансирано пензиско осигурување.

    Полемиката за членот 120 доаѓа по неодамнешните најави на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата разгледува промени во поставеноста на вториот пензиски столб. Тој посочи дека се разгледува хибридно решение со кое граѓаните би добиле можност сами да изберат дали нивните придонеси ќе се насочуваат само во државниот пензиски фонд или и во приватните задолжителни пензиски фондови.

    Премиерот изнесе критики за работењето на пензиските друштва, оценувајќи дека нивните приноси не ги исполниле очекувањата и дека резултатите биле трипати пониски од очекуваното. Тој ја поврза потребата од реформа и со дополнителните средства што државата ги обезбедува за исплата на пензиите.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично