ПОВЕЌЕ

    НА БАНКАРСКИТЕ СМЕТКИ 11,22 МИЛИЈАРДИ, во долгови речиси 10 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    На банкарските сметки граѓаните и компаниите имаат депозити од 11,22 милијарди евра. Истовремено, имаат и кредитен долг од 9,95 милијарди евра. Бројките ја одразуваат состојбата од крајот на октомври.

    Месецот на штедењето бил обележан со депозитен раст од половина процент, а годишната стапка е 9,3 насто. Најголеми придонес за овие движења има населението. Месечно и годишно зголемување од 0,7 и 14,3 насто е регистрирано и кај кредитната поддршка, при што стимулативно делувале побарувањата за средства од корпоративниот сектор, покажуваат последните податоци на Народната банка за монетарните движења во октомври.

    Граѓаните на банките им довериле 7,61 милијарда евра. Во текот на октомври влоговите натежнале за 1,3 насто. Во најголем дел поради растот на средствата на трансакциските сметки, но удел имале и нагорните движења кај краткорочните и долгорочните депозити, и денарски и девизни. На годишна основа остварен е раст од 9,4 насто.

    Месечен раст е регистриран и кај орочените депозити – од 0,6 насто, во поголем дел под влијание на зголемените краткорочни орочени депозити, посочуваат од Народната банка. Годишната промена е плус 5,7 насто и се темели врз растот на долгорочните орочени депозити.

    На крајот од десетиот месец кредитните обврски на домаќинствата достигнале 4,96 милијарди евра. За 0,7 насто се зголемени на месечна основа, „во целост како резултат на растот на кредитите во денари“. Годишната стапка на раст е 12,6 насто и произлегува од зголеменото кредитирање во денари и во девизи, но предност се дава на домашната валута.

    Потрошувачките кредити се најбарани според вкупниот износ од 2,54 милијарди евра. Ги следи месечен раст од 0,9 насто и годишен од 12,3 насто. Идентично е месечното зголемување и кај станбените кредити, каде што годишната промена е 15,9 насто. За решавање на станбеното прашање се одобрени 1,99 милијарди евра.

    Според движењата, месечно од минус 1 и годишно од минус 0,9 отсто, во октомври бил намален интересот за автомобилските кредити. Долгот, пак, направен преку користењето кредитни картички нема месечна промена, а годишниот пад е од 2,6 отсто. Негативните салда на тековните сметки се намалени за 4,3 отсто на месечна основа, а годишната стапка е позитивни 5,1 насто. Кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од еден, односно 10,8 отсто.

    Депозитите на корпоративниот сектор во октомври опаднале за 0,7 отсто, а износот е 3,13 милијарди евра. Месечниот пад пред сè се должи на намалените средства на трансакциските сметки. Од годишен аспект има раст од 9,0 насто.

    Наспроти тоа, кај кредитите на корпоративниот сектор е регистрирано месечно зголемување од 0,8 насто и вкупна сума од 4,94 милијарди евра. Движењето целосно е поткрепено од побарувачката на денарските кредити. Споредено со ланскиот октомври, обемот на задолженоста е поголем за 16,1 насто, во поголем дел, велат од Народната банка, поради повисоките кредити во денари.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично