ПОВЕЌЕ

    ЈАЗ ОД 53.340 ДЕНАРИ – толку ги дели највисоката и најниската просечна плата по сектори

    Време зa читање: 2 минути

    Во септември, разликата меѓу најдобро и најслабо платениот сектор во Македонија изнесувала 53.340 денари. Тоа е за 4.199 денари повеќе од целата просечна нето-плата во земјата, која според Државниот завод за статистика (ДЗС) достигна 49.141 денар. На врвот се информациите и комуникациите со просек од 88.787 денари, а на дното се сместувањето и услужните дејности со храна со 35.447 денари. Со други зборови, највисокиот секторски просек е два и пол пати повисок од најнискиот.

    На ниво на целата економија, септемвриската нето-плата била повисока за 408 денари во однос на август и за 3.675 денари во однос на септември лани. Годишниот раст изнесува 8,1 отсто, а откако ќе се земе предвид растот на цените, реалното зголемување е 5,2 отсто. Септемврискиот просек, и покрај месечниот раст, останал за 403 денари под мајскиот, кога просечната нето-плата изнесувала 49.544 денари.

    ДЗС меѓу секторите што придонеле за годишниот раст ги издвојува водоснабдувањето и управувањето со отпад, каде што просечната плата пораснала за 11,6 отсто, административните и помошните услуги со 10,6 отсто и трговијата и поправката на возила со 10 отсто. Во однос на август, меѓу поизразените зголемувања се оние во рударството, од 6 отсто, и во преработувачката индустрија, од 3 отсто.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично