Приходите од продажбата на вино се повисоки за 5,44 насто, бруто-добивката за 9,88 насто, а оперативната добивка е зголемена за 12,48 насто. И покрај сето тоа, кавадаречки Тиквеш на крајот од третиот годинешен квартал забележал пад на нето-добивката од 9,36 отсто. Заработката остварена во првите девет месеци изнесува 185,4 милиони денари, односно нешто над три милиони евра. Во истиот период лани била остварена нето-добивка од 3,3 милиони евра.
Продажбата донела 45,2 милиони евра. Притоа, значаен е уделот на извозните активности, со приходи од 27,4 милиони евра и раст од 9,86 насто. Странските пазари обезбедиле 60,7 отсто од вкупните приходи од продажба, што ја потврдува нивната важност за работењето на винаријата.
Реализацијата на домашниот пазар потфрлила за минимални 0,73 отсто, со инкасирани 17,7 милиони евра. Истовремено, трошоците за продадени производи и услуги достигнале 25,4 милиони евра, што претставува зголемување од 2,22 насто во однос на истиот период од минатата година.
Деветмесечната бруто-добивка на Тиквеш изнесува 19,8 милиони евра. Во споредба со ланските 18 милиони евра, забележан е раст од 9,88 насто.
Раст е забележан и кај оперативната добивка, која достигнала речиси пет милиони евра. Тоа е за 12,48 насто повеќе од ланските 4,4 милиони евра.
Сепак, зголемувањето на оперативната заработка не се пренело и врз конечниот финансиски резултат. Во структурата на расходите се издвојува значителното зголемување на финансиските расходи, кои пораснале за 59,58 насто и достигнале 1,4 милиони евра.
Исто така, административните трошоци се зголемиле за 27,76 насто, достигнувајќи 3,7 милиони евра. Наспроти тоа, трошоците за продажба и маркетинг, вклучително и дистрибуцијата, се намалиле за 7,61 отсто, на нешто повеќе од четири милиони евра.
Зголемување од 11,61 насто е забележано и кај ставката за вредносно усогласување на нетековните и тековните средства и останатите оперативни расходи. Овие расходи се во износ од 8,1 милион евра.
Од друга страна, останатите оперативни приходи се зголемиле за 9,25 насто, на еден милион евра. А кај финансиските приходи има минимален раст од еден насто со износ од 51 илјада евра.
Аналитика








