ПОВЕЌЕ

    Хрватски „Томи“ подготвен за берза – јавна понуда на акции вредна до 200 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Хрватската трговска компанија и производител на прехранбени производи „Томи“ (Tommy d.d.) на 23 ноември ќе започне со иницијална јавна понуда на акции (IPO), преку која планира да обезбеди бруто-приходи од 180 до 200 милиони евра, објави SeeNews.

    Во рамките на јавната понуда ќе бидат понудени вкупно 2,15 милиони акции, по цена од 83 до 93 евра за акција, се наведува во повикот за запишување акции објавен од „Томи“.

    Основната главнина на компанијата изнесува околу 8,5 милиони евра и е поделена на 8.544.330 обични акции, со номинална вредност од едно евро по акција. По завршувањето на јавната понуда, сите акции на „Томи“ ќе бидат котирани на Загрепската берза.

    Минималниот праг за успешност на понудата е поставен на 1,6 милиони запишани акции.

    „Томи“ е матична компанија на групацијата „Томи груп“, во чиј состав работат синџирот супермаркети „Томи“, производителот на пекарски и слаткарски производи „Бобис“ и компанијата за преработка и дистрибуција на месо „Петасон“. Јавната понуда се однесува на групацијата како целина, односно ги опфаќа сите три компании.

    Периодот за запишување акции ќе трае од 23 ноември до 4 декември, а понудата е наменета за вработените во „Томи груп“, малите инвеститори и институционалните инвеститори во Хрватска и Словенија.

    „Томи груп“ е првата компанија во Хрватска што ги повикува членовите на својата програма за лојалност, која брои 225.000 корисници, да учествуваат во јавна понуда на акции под посебни услови.

    Купувачите што се членови на програмата за лојалност на „Томи“ ќе добијат еден процент од вредноста на купените акции во форма на поени за лојалност, кои ќе им бидат доделени на нивните картички. Максималниот износ на оваа поволност е 300 евра по инвеститор, под услов да ги задржат акциите најмалку 60 дена по нивното стекнување.

    Средствата собрани преку иницијалната јавна понуда ќе бидат искористени за поддршка на понатамошниот раст и развој на компанијата.

    Основачот на „Томи“, Томислав Мамиќ, ќе остане мнозински акционер и по завршувањето на јавната понуда.

    „Томи груп“ има 5.500 вработени и управува со речиси 300 продавници во девет хрватски жупании и во главниот град Загреб. Според големината, „Томи“ е седмиот најголем малопродажен синџир и дваесеттата најголема компанија според приходите во Хрватска. Нејзините продавници се претежно концентрирани во јужниот дел на земјата, односно во Далмација.

    Доколку се реализираат планираниот обем и вредноста на понудата, ова би можела да стане најголемата иницијална јавна понуда на акции од приватна компанија во историјата на Хрватска.

    (Фото: Томи / Фејсбук)

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично