
Комерцијална банка обезбеди нови 4 милиони евра за финансирање енергетски ефикасни проекти на домаќинствата, преку кредитна линија со која граѓаните ќе можат да добијат и до 20 проценти поврат на средствата во вид на грант. Финансирањето е обезбедено од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во рамките на програмата за зелено финансирање GEFF.
Средствата се наменети за инвестиции во зелени технологии, материјали и решенија за куќи и станбени згради во приватна сопственост. Меѓу инвестициите што ќе можат да се финансираат се поставување изолација, енергетски ефикасни прозорци, топлински пумпи и соларни панели.
Целта на кредитната линија е да им овозможи на домаќинствата да ги намалат трошоците за енергија, да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови и да го зголемат квалитетот на живеење. Истовремено, ваквите инвестиции треба да придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови, како и на енергетската и јаглеродната зависност.
Поддршката ќе биде насочена и кон производителите и добавувачите на опрема и решенија за енергетска ефикасност, со што се очекува да се поттикне поширока примена на зелените технологии.
Покрај финансиските средства, Комерцијална банка обезбеди и техничка помош за воспоставување нов модел на зелено кредитирање во секторот на станбени згради. Овој модел ќе им биде понуден и на заинтересираните градежни компании, продавачи и производители на зелени технологии, со цел да се забрза зелената трансформација на станбениот сектор.
Новата кредитна линија е дел од продолжувањето на соработката на Комерцијална банка со ЕБОР преку програмата GEFF, која поддржува инвестиции во енергетска ефикасност во земјите од Западен Балкан.
Повеќе информации за кредитите за енергетска ефикасност се достапни на веб-страницата на Комерцијална банка.
Аналитика








