ПОВЕЌЕ

    ПРИХОДИТЕ ОД КАМАТИ И ПРОВИЗИИ ДОСТИГНАА 610 МИЛИОНИ ЕВРА, а добивката се намали

    Време зa читање: 4 минути

    За девет месеци банкарскиот сектор остварил нето-добивка од 224,4 милиони евра, што е за околу 10,7 милиони евра помалку отколку во истиот период лани, покажува најновиот извештај на Народната банка.

    Интересно е што и покрај намалената добивка, растат и приходите од камати и износот на наплатените провизии. Вкупниот износ на наплатени камати и провизии за деветте месеци годинава бил 610 милиони евра, додека во истиот период лани изнесувал 587,5 милиони евра.

    Тогаш, каде лежи зајакот? Податоците што ги објави Народната банка, а ги анализира Пари, покажуваат дека расте износот за камати што банките им ги плаќаат на своите депоненти, растат трошоците за вработени, трошоците за тековно работење, но особено влијание има помалата наплата на стари побарувања во однос на лани.

    КРЕДИТИРАЊЕТО ДОНЕСЕ КАМАТА ОД 455,9 МИЛИОНИ ЕВРА

    Фирмите и домаќинствата по основ на камати за девет месеци платиле 455,9 милиони евра, што е за 14 милиони евра повеќе од лани. Но, истовремено, пораснале и расходите за камати, односно парите што банките им ги исплаќаат за камати на депонентите и другите доверители. Расходите за камати растат побрзо од приходите, па така и нето-каматата, како разлика меѓу активните и пасивните камати е помала во деветте месеци од 2026 година и носи помала заработка за банкарскиот сектор.

    НЕТО-ПРИХОДИТЕ ОД ПРОВИЗИИТЕ ИМААТ ПОИЗРАЗЕН РАСТ

    По основ на провизии и надоместоци банките за девет месеци наплатиле 154 милиони евра, што е за 5,8 насто повеќе од лани. Нивните расходи за провизии и надоместоци изнесуваат 58,9 милиони евра и се малку пониски од минатогодишните.

    Така, заклучно со 30 септември, нето-приходите од провизии и надоместоци достигнале 95,1 милион евра, што претставува раст од 10,3 насто во однос на истиот период лани.

    Ако ги сумираме нето-приходите од камати и провизии, доаѓаме до двете најзначајни ставки од редовното банкарско работење, кои достигнале речиси 438,7 милиони евра, што е за околу 11,6 милиони евра повеќе од лани!

    Растот на приходите од камати е показател и за зголемено кредитирање. Сепак, тоа не се преточило во поголема конечна добивка.

    ИМА ЗГОЛЕМЕНИ ТРОШОЦИ, А НАМАЛЕНИ ОСТАНАТИ ПРИХОДИ

    Анализирајќи ги бројките, издвојуваме некои ставки што ја намалиле банкарската добивка. Инфлацијата и недостигот од работна сила го направија своето. Таканаречените оперативни трошоци за работење се зголемија. Податоците покажуваат дека трошоците за вработените се зголемиле за 8,4 милиони евра (од 93,9 на 102,3 милиони евра). Општите расходи на дејноста се зголемиле за 3,6 милиони евра.

    Но, се забележува дека на приходната страна има значајно намалување на ставката Останати приходи од дејноста, дури за 13,8 милиони евра во споредба со истиот период лани. Имено, на 30.9.2026 година оваа ставка во банкарскиот сектор донела 35,7 милиони евра, а во деветте месеци од минатата година донела дури 49,5 милиони евра.

    Но, во рамките на ставката Останати приходи од дејноста, најголемо влијание има ставката Наплатени претходно отпишани побарувања. Лани за девет месеци токму наплатата на тие побарувања внела во банкарскиот сектор 29,3 милиони евра, додека годинава – 16,9 милиони евра. Секако, ова не значи дека банките годинава имале помала способност да наплаќаат отпишани побарувања, туку минатогодишната интензивна наплата можеби оставила помалку претходно отпишани побарувања.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично