
Намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 проценти до 2035 година и постигнување климатска неутралност до 2050 година се целите што Македонија треба да ги оствари преку темелни промени во енергетскиот сектор. За нивна реализација ќе бидат неопходни значителни инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетската инфраструктура и меѓународна поддршка. Токму енергетската транзиција и можностите за нејзино финансирање се меѓу клучните теми на климатскиот самит COP31 во Анталија, на кој учествува и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Таа е дел од македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која учествува на Лидерскиот самит во рамките на 31. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31). На меѓународниот собир присуствуваат лидери и високи претставници од 191 земја, а во центарот на разговорите се глобалните климатски политики и иднината на енергетската транзиција.
За Македонија, исполнувањето на климатските обврски подразбира постепено зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, подобрување на енергетската ефикасност и модернизација на електроенергетскиот систем. Притоа, еден од најголемите предизвици е транзицијата да се спроведе на економски одржлив начин, без да се загрозат стабилноста на снабдувањето и достапноста на енергијата за граѓаните и компаниите.
Учеството на министерката Божиновска на COP31, според Министерството за енергетика, претставува можност за следење на меѓународните насоки, размена на искуства и разгледување потенцијални партнерства и инвестиции што би ја поддржале трансформацијата на домашниот енергетски сектор.
Особено значајни се можностите за пристап до меѓународни финансиски механизми и нови технологии, кои би придонеле за побрза реализација на енергетските проекти и зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Лидерскиот самит, кој се одржува на 11 и 12 ноември во Анталија, е посветен на преминот од климатските ветувања кон нивно конкретно спроведување. За Македонија, ова значи и потреба националните енергетски планови да се усогласат со меѓународните политики, но и да се обезбедат финансиските и техничките услови за нивна реализација.
Аналитика








