Хрватската автомобилска компанија „Римац“ (Rimac Automobili) одлучи предвреме да го заврши производството на својот електричен хиперавтомобил Nevera, иако од првично планираните 150 примероци ќе бидат произведени само 71. Одлуката ја потврди основачот на компанијата, Мате Римац, означувајќи го крајот на еден од најамбициозните европски проекти во автомобилската индустрија. Иако „Невера“ постави десетици светски рекорди и ја демонстрираше моќта на електричните погони, не успеа да привлече доволно купувачи во највисокиот ценовен сегмент.
Според информациите што ги објавија медиумите, производството ќе заврши со 51 примерок од стандардната „Невера“ и 20 од помоќната верзија Nevera R. Во тек е изработката на последните десет автомобили, кои треба да им бидат испорачани на сопствениците до крајот на 2026 година.
Тоа значи дека ќе бидат произведени помалку од половина од првично планираните 150 автомобили. Дополнително, за Nevera R првично беше најавена ограничена серија од 40 примероци, од кои ќе бидат изработени само 20.
Сепак, Мате Римац не го смета проектот за неуспешен.
„Мислам дека сепак е прилично добро достигнување. Тоа е најпродаваниот електричен хиперавтомобил во светот“, изјави тој во видео објавено на социјалните мрежи.
Според него, „Невера“ ја исполнила својата цел – да ги демонстрира инженерските способности на компанијата и да создаде основа за нејзиниот понатамошен развој. Тој истакна дека без овој проект немало да постојат ниту новата фабрика на „Римац“, ниту најновиот хиперавтомобил Bugatti Tourbillon.
2.000 КОЊСКИ СИЛИ, ОГРАНИЧЕН ПАЗАР
„Невера“, претставена во сериска форма во 2021 година, е еден од најмоќните електрични автомобили некогаш произведени. Стандардната верзија располага со четири електромотори со вкупна моќност од 1.914 коњски сили, забрзува од нула до 100 километри на час за само 1,82 секунди и достигнува максимална брзина од над 400 километри на час.
Во мај 2023 година, автомобилот постави 23 рекорди за перформанси во еден ден, меѓу кои и забрзување од нула до 400 километри на час и целосно запирање за 29,93 секунди.
Уште поекстремната Nevera R, со 2.107 коњски сили, достигна брзина од 431,45 километри на час и во 2025 година постави 24 нови рекорди. Нејзината почетна цена изнесуваше околу 2,3 милиони евра, додека стандардната „Невера“ се продаваше за приближно два милиона евра.
Но токму пазарот на кој се натпреваруваше „Римац“ се покажа како многу посложен отколку што се очекуваше.
ЗОШТО НАЈБОГАТИТЕ НЕ „ПОЛУДЕА“ ПО ЕЛЕКТРИЧНИТЕ СУПЕРАВТОМОБИЛИ?
Мате Римац уште во мај 2024 година предупреди дека побарувачката за најскапите електрични спортски автомобили слабее. На автомобилскиот самит на „Фајненшл тајмс“ во Лондон тој објасни дека купувачите во овој сегмент сè повеќе бараат нешто поинакво од технологијата што постепено станува секојдневие.
Неговата споредба беше особено интересна: паметниот часовник може да има многу повеќе функции и поголема прецизност од механичкиот, но богатите колекционери сепак се подготвени да платат стотици илјади долари за традиционален луксузен часовник.
Слично е и со автомобилите. За купувачите кои можат да издвојат неколку милиони евра, не е пресудна само брзината. Тие го ценат звукот на моторот, механичкото чувство при возење, традицијата на марката и ексклузивноста.
Така, еден од најсовремените електрични автомобили во светот се соочи со парадокс: технологијата беше извонредна, но пазарот на екстремно скапи автомобили не беше подготвен да ја прифати во очекуваниот обем.
(Фото: Bugatti Chiron и Rimac Nevera)
Аналитика








