ПОВЕЌЕ

    Србија на крстосница – останува на стариот колосек или тргнува по студентската траса

    Време зa читање: 4 минути

    Што ќе ѝ донесе 25 октомври на Србија? Ќе продолжи ли државата по политичкиот колосек на СНС и Александар Вучиќ или ќе сврти кон алтернативата што во изминатите две години ја изгради студентското движење?

    Право на глас имаат 6.451.292 граѓани. За пратеничките места во Народното собрание се натпреваруваат 18 изборни листи со 2.418 кандидати, а гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот.

    Клучната непозната пред утрешното гласање останува колкава ќе биде излезноста и како таа ќе се ефектуира во конечниот распоред на парламентарните сили.

    Гласањето ќе се одвива на 8.392 избирачки места, од кои 93 се во странство во 37 држави. За гласачите од Косово се определени 60 места во Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија. Половина од 18-те листи имаат статус на листи на националните малцинства.

    Една од особеностите на овие избори е значително поголемиот интерес на српските државјани што живеат во странство. За гласање надвор од Србија се пријавени 102.147 избирачи, повеќе од двојно во споредба со претходните избори.

    Најмногу пријавени има во Германија – 20.107, потоа во Босна и Херцеговина 19.800, Австрија 10.484, САД 5.750, Италија 4.901 и Швајцарија 4.585. Во Македонија за гласање се пријавени 1.438 српски државјани.

    За споредба, според податоците објавени во текот на кампањата, на претходните избори за гласање во странство биле пријавени околу 39.000 граѓани, а гласале околу 30.000.

    Последните истражувања покажуваат висока мобилизација на гласачите, но значително се разликуваат во проценката на поддршката за двете најсилни листи.

    Најновото истражување на Ipsos Strategic Marketing, спроведено од 20 до 22 октомври на 3.624 испитаници, покажува 47,4 отсто поддршка за листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и 40 отсто за „Студентската листа – Студентите победуваат“. За листата „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ се измерени 3,2 отсто. Ipsos проценува излезност од 64,7 отсто, со можен интервал од 62,9 до 66,5 отсто. Истражувањето било нарачано од листата „Обединета Србија“, а не ги опфаќало гласачите од Косово и дијаспората.

    Сосема поинаква слика даде истражувањето на Нова српска политичка мисла – NSPM, спроведено од 25 септември до 5 октомври на примерок од 1.050 испитаници. Меѓу определените гласачи, Студентската листа има 44,5 отсто, а листата на Вучиќ 42,7 отсто. Во тоа истражување 79,8 отсто од испитаниците изјавиле дека сигурно ќе гласаат, а уште 13,3 отсто дека веројатно ќе излезат. NSPM наведе дека истражувањето е направено за сопствени потреби.

    Претходното истражување на „Фактор плус“, спроведено во септември, покажуваше 48,6 отсто за листата околу Вучиќ и 37,1 отсто за Студентската листа, со очекувана излезност од околу 62 отсто.

    Разликите меѓу анкетите се значителни, па тие не даваат единствен одговор за конечниот распоред на силите. Заедничко им е, сепак, дека главната изборна трка е концентрирана меѓу листата „Обединета Србија“ и Студентската листа, додека повеќето од останатите немнозински листи во истражувањата се движат околу или под изборниот праг.

    Зад утрешното гласање стојат и речиси две години студентски протести, кои почнаа по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година и постепено прераснаа во едно од најголемите граѓански движења во Србија во поновата историја. Студентите пешачеа низ градови и села, организираа блокади и масовни собири, а нивната порака ги премина и границите на земјата: со велосипеди поминаа околу 1.300 километри до Стразбур, а друга група трчаше штафетно околу 1.800 километри до Брисел, обраќајќи им се на европските институции и поврзувајќи се со српската дијаспора по патот. Поддршката потоа се прошири и меѓу Србите во странство, со собири низ Европа и на други континенти, а протестното движење во меѓувреме прерасна и во изборна мобилизација – од акцијата „Студент во секое село“ до пешачките колони што деновиве повторно стигнаа во Белград.

    За дел од јавноста, токму студентите ја „разбудија“ Србија. Утрешните избори ќе покажат колкав дел од таа енергија ќе се претвори во гласови.

    (Фото: Никола Ђорђевиќ / Wikimedia Commons / CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично