Од петок, француската влада воведува бескаматни заеми во износ до 50.000 евра за продавниците што беа цел на грабежи и вандализам за време на демонстрациите на 17 и 18 октомври, соопшти министерот за економија Ролан Лескјур.
Заемите ќе ги доделува јавната инвестициска банка „Бпифранс“ (Bpifrance); за да се квалификуваат, сопствениците на бизниси прво мора да поднесат барање за надомест на штета до својата осигурителна компанија, пренесува „Ле Фигаро“ (Le Figaro).
Целта е на бизнисите што поскоро да им се обезбедат средства за да можат да ја покријат штетата и да продолжат со работа.
КОЈ ИМА ПРАВО НА ФИНАНСИСКА ПОМОШ?
За време на средбата со претставници на бизнис-секторот во Министерството за економија во Париз, француската влада најави и формирање фонд за поддршка на претпријатија и продавници со помалку од 50 вработени.
Конкретните услови за пристап до овие средства сè уште се утврдуваат, но помошта ќе ги покрива и загубите во приходите настанати по 17 октомври.
Регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег најави пакет помош од 5 милиони евра, кој вклучува поединечни грантови од 10.000 евра за секоја погодена продавница.
Локалните власти во регионот на Лион, исто така, почнаа со подготовка на мерки за помош, пренесува Танјуг.
Владата во Париз, исто така, ќе овозможи одложување на даночните обврски и плаќање на рати за бизнисите што претрпеле штета. Министерот за јавни сметки на Франција, Давид Амиел, се заложи за забрзување на законскиот предлог со кој би се зајакнала обврската на сторителите да ја надоместат штетата, како и за можноста приходите стекнати на незаконски начин да се одбиваат од социјалните надоместоци.
Аналитика








