ПОВЕЌЕ

    ПЛАТАТА ЗА ХРАНА, А ЗА ДРУГОТО? Синдикалната кошница надмина 70.000 денари

    Време зa читање: 2 минути

    Една плата за да се наполни фрижидерот, а со што да се платат струјата, водата, греењето, превозот и останатите секојдневни потреби? За семејствата со најниски примања, математиката станува сè потешка. Октомвриската пресметка на синдикалната кошница покажува дека ниту целата минимална плата повеќе не е доволна за храната на едно четиричлено семејство. А за покривање на сите основни месечни потреби се неопходни повеќе од 70 илјади денари.

    Според податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошница во октомври достигнала 70.358 денари, што е за 926 денари повеќе отколку во септември. Само за храна и пијалаци се потребни 26.170 денари, додека минималната плата изнесува 26.046 денари. Разликата е 124 денари, но таа доволно говори за притисокот врз семејниот буџет.

    На почетокот на годината, во јануари, за основните потреби на четиричлено семејство биле потребни 66.413 денари. За десет месеци кошницата поскапела за 3.945 денари, односно за речиси шест проценти. Притоа, трошоците за храна се зголемиле од 24.211 на 26.170 денари, што претставува раст од околу 8,1 процент.

    Ниту две минимални плати не се доволни за покривање на синдикалната кошница. Доколку двајцата родители заработуваат по 26.046 денари, нивните вкупни примања достигнуваат 52.092 денари, што е за 18.266 денари помалку од пресметаните основни месечни трошоци.

    Прашањето колку навистина чини животот дополнително се отвора и поради разликите меѓу владината и синдикалната потрошувачка кошница. Како што претходно објави „Пари“, во август владината пресметка изнесувала 58.475 денари, додека синдикалната покажувала 68.676 денари. Разликата од 10.201 денар произлегува од различните методологии за пресметување на животните трошоци.

    Октомвриските бројки повторно го ставаат во фокус прашањето за куповната моќ на граѓаните. Иако минималната плата годинава се зголеми, растот на трошоците за живот продолжува да го оптоварува семејниот буџет. Особено кај домаќинствата со најниски примања, каде што најголемиот дел од заработката се троши за основните потреби, а просторот за штедење или непредвидени расходи останува ограничен.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично