ПОВЕЌЕ

    Народната банка наградува со 60.000 денари за најдобро видео – конкурсот трае до 31 октомври

    Време зa читање: 2 минути

    Креативна идеја преточена во видео од најмногу три минути може да донесе награда од 60.000 денари. Народната банка ги повикува граѓаните, особено младите, преку сопствена приказна да покажат што за нив значи централната банка и каква е нејзината улога во секојдневниот живот.

    Конкурсот „Што значи за мене Народната банка?“, со хаштагот #МојатаНБ, е организиран по повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во земјава. Заинтересираните имаат можност до 31 октомври да ја претстават својата креативност преку анимација, интервју, скеч, документарен запис или друг видеоформат соодветен за социјалните мрежи.

    Најдоброто видео ќе биде наградено со 60.000 денари, а персоналниот данок на доход ќе го покрие Народната банка.

    Учесниците можат да обработат една или повеќе теми поврзани со надлежностите и работењето на централната банка. Меѓу нив се стабилноста на денарот и цените, девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, безбедното и непречено извршување на плаќањата, девизните резерви, како и значењето на економските податоци за граѓаните.

    Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија, освен членовите на Советот на Народната банка, вработените во институцијата и членовите на нивните семејства.

    Секој учесник може да пријави најмногу пет видеоматеријали. Видеата треба да бидат оригинални авторски дела, со времетраење до три минути, изработени на македонски или на албански јазик. Се препорачува да содржат и вградени титлови на еден од двата јазика.

    За да учествуваат, заинтересираните треба да го објават своето видео на личниот профил на Фејсбук или Инстаграм, во периодот од 1 до 31 октомври 2026 година.

    При објавувањето задолжително треба да го користат хаштагот #МојатаНБ и да го означат официјалниот профил на Народната банка:

    • Фејсбук: @narodnatabanka
    • Инстаграм: @narodnabanka.mkd

    Објавата мора да биде јавно достапна во текот на траењето на конкурсот.

    Со оваа иницијатива, Народната банка им дава можност на граѓаните преку креативен пристап да ја претстават својата перспектива за улогата и значењето на централната банка.

    Деталните услови за учество се објавени на официјалната веб-страница на Народната банка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично