Изгледаат како обични очила, но можат да снимаат видео и звук, да препознаваат што гледа корисникот, да преведуваат разговори во реално време, да примаат повици и да комуницираат со AI-асистент. Токму затоа паметните очила, предводени од моделите на Meta и Ray-Ban, сè побрзо преминуваат од технолошки куриозитет во масовен производ – а паралелно растат и повиците за построги правила. Европскиот одбор за заштита на податоците предупреди дека овие уреди отвораат сериозни прашања за приватноста, особено кога луѓето можат да бидат снимени без воопшто да знаат.
На 13 октомври Европскиот одбор за заштита на податоците – EDPB – усвои посебна изјава за паметните очила. Тоа засега не е нов европски закон ниту забрана, но е најдиректниот сигнал досега дека европските регулатори сметаат дека оваа технологија бара посебно внимание. Одборот објави и извештај за видеоснимањето, надзорот и користењето докази во ерата на паметните очила.
„Овие уреди изгледаат како обични очила, но имаат камери и микрофони и се поврзани на интернет. Тоа создава сериозна загриженост за приватноста, бидејќи луѓето можат да бидат снимени без нивно знаење“, предупреди претседателката на EDPB, Ану Талус. Особено чувствителни, според Одборот, се болниците, училиштата и работните места, како и ситуациите кога снимките потоа се објавуваат на социјалните мрежи.
ШТО, ВСУШНОСТ, МОЖАТ ПАМЕТНИТЕ ОЧИЛА?
Најпознат пример денес се Ray-Ban Meta. Актуелните модели имаат 12-мегапикселна широкоаголна камера, повеќе микрофони, звучници вградени во рамката, меморија за фотографии и видеа и директна врска со Meta AI. Со нив може да се фотографира и снима без вадење телефон, да се праша AI што се наоѓа пред корисникот, да се преведува разговор во реално време, да се испраќаат пораки, да се телефонира и да се добиваат информации за објекти и места што корисникот ги гледа.
Новата генерација оди и понатаму. Meta веќе отвори развој на апликации за модели со дисплеј, што значи дека информациите можат да се појавуваат директно во видното поле на корисникот.
Токму тоа ја прави технологијата привлечна – телефонот сè помалку мора да се држи во рака.
Но истата карактеристика е и главниот проблем.
СНИМАЊЕ БЕЗ ДОЗВОЛА
Кога некој снима со мобилен телефон, најчесто е очигледно дека камерата е насочена кон одредена личност. Кај паметните очила, камерата може да биде речиси незабележлива.
Случајните минувачи можеби нема ни да знаат дека нивните лични податоци се собираат, кој ги снима и за која цел. Затоа европскиот регулатор бара снимањето да биде јасно видливо – преку силни LED-сигнали, звучни предупредувања, гласовни известувања или друг дизајн што не може лесно да се игнорира или исклучи.
Meta веќе користи светлосен индикатор кога се снима фотографија или видео и наведува дека снимањето се блокира ако корисникот го покрие светлото. Компанијата исто така препорачува да се побара дозвола пред снимање и очилата да не се користат на места каде што луѓето оправдано очекуваат приватност.
Сепак, регулаторите предупредуваат дека проблемот не исчезнува само затоа што производителот ставил мало светло на рамката.
Во ЕУ не постои посебна општа забрана за паметни очила. На нив веќе може да се применува постојната европска регулатива за заштита на личните податоци.
Ако корисникот снима за чисто лични или семејни потреби, на пример фотографира пријатели или користи превод во приватен контекст, може да важи т.н. домашен исклучок и GDPR да не се применува.
Но ако снимката се објави јавно на социјална мрежа или очилата се користат во професионална, службена или политичка активност, корисникот може да стане контролор на лични податоци и да има конкретни обврски според GDPR.
Дури и кога GDPR не важи, снимањето може да биде ограничено со кривичното, граѓанското или трудовото право, како и со посебни правила за болници, компании, училишта или судови.
Дополнително, AI-функциите на ваквите уреди влегуваат и во пошироката рамка на европскиот AI Act. Од август 2026 веќе се применуваат обврските за транспарентност за одредени AI-системи, додека употребата на далечинска биометриска идентификација во јавен простор е строго ограничена, особено за органите на прогонот.
НЕКОИ ЗЕМЈИ ВЕЌЕ ИМААТ ЗАБРАНИ И ОГРАНИЧУВАЊА
Додека ЕУ засега работи со постојните правила и дополнителни насоки, дел од државите и институциите веќе воведуваат конкретни ограничувања.
Во Англија и Велс, Meta паметните очила се забранети во судовите поради забраната за снимање фотографии и видео во судници. Британските кинооператори исто така воведуваат ограничувања за очила со камери поради ризик од нелегално снимање филмови.
Во Норвешка, владата најави предлог за привремена забрана на AI-очила на места каде што редовно се собира јавност – паркови, плажи, музеи, трговски центри и јавни настани. Осло веќе ги забрани ваквите очила во училиштата.
Во САД, судскиот систем на државата Њујорк од јули ги забрани паметните очила во сите свои судски објекти. Забраната се однесува на очила или друга опрема со камера, микрофон или технологија способна за снимање аудио и видео. Посетителите мора да ги предадат пред влез.
Австралија разгледува забрана на очила со камери во федералните државни институции поради ризици за приватноста и безбедноста.
И компаниите почнуваат да реагираат. Дел од работодавците веќе ги ограничуваат или целосно ги забрануваат паметните очила во канцеларии, магацини и други работни простории поради опасност ненамерно да бидат снимени доверливи документи, екрани, состаноци или клиенти.
ДОБРИ И ЛОШИ СТРАНИ
Кај обичната камера снимката завршува на уредот. Кај AI-очилата информацијата може да биде анализирана во реално време.
Очилата можат да „видат“ производ, лице, текст, локација или околина и да испратат дел од тие податоци кон сервери каде AI-моделот ги обработува. Тоа го отвора прашањето не само кој е снимен, туку и што системот заклучува за него, каде се чуваат податоците, колку долго и за каква друга цел може да бидат искористени.
Британскиот регулатор ICO токму затоа предупредува дека проблемот е поширок од самата камера. За разлика од мобилен телефон што видливо се држи во рака или CCTV-камера означена со табла, очилата можат постојано да бидат активни и тешко е околината да знае кога нешто се снима или анализира.
Регулаторите не бараат технологијата едноставно да се забрани.
ICO посочува дека ваквите очила можат значително да им помогнат на лица со оштетен вид – да читаат натписи, да опишуваат околина и да навигираат. Тестирани се и решенија за помош на лица со деменција.
(Фото: CCadio – Own work, CC BY 4.0)
Аналитика








