ПОВЕЌЕ

     ЗАД СКАПИТЕ ЧАСОВНИЦИ И НАКИТ СТОЈАТ 671 ВРАБОТЕН ‒ колкави се платите?

    Време зa читање: 6 минути

    Милиони евра се вртат низ продавниците за часовници и накит, но зад излозите, скапоцените камења и познатите брендови стојат и стотици работни места, кои во 2025 година ги имало повеќе отколку една година претходно.

    Во трговијата на мало со рачни часовници и накит во 2025 година во вкупно 185 компании биле вработени 671 лице, наспроти 632 лица во 2024 година. Тоа значи дека за една година секторот добил 39 нови работни места, односно бројот на вработени се зголемил за 6,17 насто.

    Раст имало и кај платите, иако податоци за плата во 2025 година има за 161 компанија. Просечната плата во дејноста се зголемила од 22.686 денари во 2024 година на 24.497 денари во 2025 година, што претставува раст од 7,99 насто. Значи, просекот за една година е повисок за 1.811 денари.

    Сето тоа се случило во година во која бизнисот со часовници и накит реализирал поголем промет, но помала вкупна добивка.

    Анализата на Пари, врз основа на податоците од Бизнис Мрежа, покажува кој најмногу вработува во бизнисот со часовници и накит, кој најдобро плаќа и дали компаниите што вртат најмногу пари навистина се и најдарежливи кон своите вработени.

    29 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЧАСОВНИЦИ И НАКИТ ‒ Продажбата расте, профитот се топи

    „МАЈ ТАЈМ“ СО 96 ВРАБОТЕНИ Е УБЕДЛИВО НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ

    Компанијата што доминираше во претходната анализа на Пари и според приход и според добивка е прва и кога станува збор за вработеноста.

    ВОЧ ИД, компанијата зад „Мај тајм“, во 2025 година имала 96 вработени, наспроти 79 една година претходно. Тоа се 17 нови лица или раст од 21,52 насто.

    Втор најголем работодавач е Игор Божиновски БИСЕРА КОМЕРЦ, компанијата зад „Божиновски часовници и накит“. Лани имала 50 вработени, двајца повеќе од 2024 година, што претставува раст од 4,17 насто.

    Интересно е што „Божиновски“ во истата година имала пад на приходот од 3,13 насто, но раст на добивката од 11,04 насто. Значи, компанијата продавала помалку, вработила уште двајца, а на крајот заработила повеќе.

    На третото место според бројот на вработени е ЕЛ ДОРАДО 05, компанијата зад брендот ZIA. Токму кај неа е и најголемиот процентуален раст меѓу десетте најголеми работодавачи.

    Бројот на вработени за една година скокнал од 20 на 31 лице, што е зголемување од дури 55 насто. Практично, тимот е зголемен за повеќе од половина.

    Следува СФ1 КЛИПС, компанијата што го носи брендот Пандора во Македонија. Бројот на вработени е зголемен од 24 на 28 лица, односно за 16,67 насто.

    РОЈАЛЕ ХОУСЕ, партнерот на Сваровски во Македонија, останал со истите 19 вработени, иако приходот пораснал за речиси 28 насто, на околу 1,4 милиони евра.

    Нема промена ниту кај Шолаја и др. ЦАЈС, со 15 вработени, ниту кај СИГМА од Прилеп, со 13 вработени.

    ГОРАН КИС од Охрид го зголемила бројот на вработени од 9 на 11, или за 22,22 насто, додека ЕГО ВОТЧ пораснала од 8 на 11 вработени, што претставува зголемување од 37,50 насто.

    Единствено намалување кај топ десетте компании има кај МИС СПАЈС АКЦЕСОРИС. Бројот на вработени се намалил од 14 на 11 лица, односно за 21,43 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЛАТИ ДО 63 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ, НО СО 2 ВРАБОТЕНИ

    На прв поглед, листата на највисоки плати во трговијата со часовници и накит изгледа импресивно. На врвот има просек од над 63 илјади денари, а кај неколку компании платите за една година пораснале за 60,85, па и над 100 насто.

    Но, кога покрај платата ќе се стави и бројот на вработени, анализата добива поинаква димензија.

    Девет од десетте компании со највисоки просечни плати имаат најмногу седум вработени. Сите тие заедно вработуваат само 30 лица. Исклучок е БИСЕРА КОМЕРЦ, која сама има 50 вработени.

    Највисоката просечна плата ја има ОХРИДСКИ БИСЕР ФИЛЕВИ – 63.078 денари, што е за 85,26 насто повеќе од 2024 година, кога просекот изнесувал 34.049 денари. Сепак, зад овој просек стојат само двајца вработени. И покрај тоа, износот е повеќе од два и пол пати повисок од просечната плата од 24.497 денари во целата анализирана дејност.

    На второто место е КОНЦЕПТ ТРЕЈД ОНЕ со тим од 7 вработени. Просечната плата таму достигнала 56.241 денар, наспроти 35.317 денари една година претходно. Тоа е раст од 59,25 насто.

    Во НАФ НАФ-АЛ ПАСКО работат тројца, со просечна плата од 50.528 денари, додека Ќазим Реис АГ, исто така со тројца вработени, има просек од 49.695 денари.

    Само двајца вработени има и СЕ ЛА ВИЕ, каде што просекот е 48.975 денари, или 10,82 насто повеќе од претходната година.

    Уште појасен пример за тоа колку бројот на вработени е важен при читањето на овие податоци е БАН ИМПЕКС. Компанијата има само еден вработен, па просекот од 42.317 денари практично се однесува на примањата на едно лице. Во однос на 2024 година, кога биле евидентирани 21.413 денари, зголемувањето изнесува дури 97,62 насто.

    Посебна приказна повторно е ГЛИТЕРАТИ. Компанијата има четворица вработени, а просечната плата за една година е повеќе од удвоена ‒ од 20.167 на 42.271 денар, односно за 109,60 насто.

    Токму кај ГЛИТЕРАТИ ова зголемување оди заедно со огромниот раст на целиот бизнис. Како што покажа претходната анализа на Пари, приходот скокнал од 98,6 илјади евра на околу 1,1 милион евра, а добивката од само 832 евра на 114,6 илјади евра. Така, покрај продажбата и профитот, нагоре се движела и просечната плата.

    На оваа листа најмногу отскокнува БИСЕРА КОМЕРЦ односно „Божиновски“, но од сосем друга причина. Компанијата има убедливо најмногу вработени ‒ 50 лица, а просечната плата е 42.018 денари.

    ОПТИКА ЦЕНТАР, со петмина вработени, има просек од 40.379 денари, по раст од 27,77 насто.

    Десетката ја затвора СТИЛ од Охрид, со тројца вработени и просечна плата од 40.346 денари. Тоа е и единствената компанија на листата кај која има пад на просечната плата, која изнесувала 43.004 денари во 2024 година.

    Најсилната компанија во секторот, ВОЧ ИД („Мај тајм“) – прва и по приход и по добивка, ја нема во топ 10 по просечна плата. Сепак, со 96 вработени и просечна плата над 39 илјади денари, бројката е солидна, особено ако се има предвид дека кај повеќето компании со највисоки плати станува збор за многу помали тимови.

    Затоа, бројка од 50 или 60 илјади денари звучи импресивно, но не значи дека стотици продавачи на часовници и накит земаат толкави плати. Во најголемиот дел од компаниите на оваа листа зад високиот просек стојат само неколку луѓе што се бројат на една дланка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично