Македонија влегува во зимскиот период со зголемен ризик од увезена инфлација. Земјава е силно зависна од увоз на енергија – според последниот енергетски биланс, 65,5 отсто од бруто-домашната потрошувачка на енергија се обезбедува од увоз, па подолготрајното поскапување на нафтата и природниот гас директно ги зголемува трошоците за домашната економија.
На удар е и храната. Домашното производство на пченица за сезоната 2025/2026 беше проценето на околу 221 илјада тони, но секоја дополнителна потреба од увоз ќе се набавува во услови на повисоки светски цени. Пекарската индустрија уште во текот на летото предупредуваше на повисоки трошоци за брашно, енергенси, амбалажа и транспорт, иако засега нема потврдена најава за ново општо поскапување на лебот.
Домашната инфлација во август изнесуваше 2,6 насто на годишно ниво. Храната и безалкохолните пијалаци беа поскапи за 1 насто, а групата домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 3,8 насто.
Сепак, надворешните влијанија се засилуваат. Во еврозоната инфлацијата во септември достигна 3,8 насто, а главниот двигател беше енергијата, чии цени се зголемија за 18,8 насто на годишно ниво. Цената на Брент на почетокот од октомври се движи над 100 долари за барел, додека значително поскап е и европскиот природен гас.
Растат и светските цени на храната. Според ФАО, пченицата во септември поскапела за 6,3 насто највисокото ниво од август 2023 година. Пченката е поскапа за 5,6 насто, шеќерот за 6,1 насто, а растителните масла за 0,9 насто.
Причините се комбинација од сушата во делови од Северна Америка, нарушувањата во транспортот преку Црноморскиот регион и зголемените геополитички ризици на енергетските пазари.
Доколку светски цени се задржат на повисоките прагови, во земјава првиот удар ќе го почувствуваат увозниците и производителите, а дел од трошоци потоа може да се пренесат и врз цените што ги плаќаат граѓаните.
Аналитика








