ПОВЕЌЕ

    Брисел го менува моделот: Дел од придобивките на ЕУ ќе доаѓаат пред членството

    Време зa читање: 4 минути

    Досега патот кон Европската Унија во голема мера личеше на долга трка во која најголемата награда се добива дури на целта. Брисел сега подготвува поинаков модел: кандидатите да почнат да влегуваат во европската економија уште додека чекаат политички да влезат во Унијата. Тоа значи полесна трговија, пристап до програми, истражување, инвестиции и делови од единствениот пазар – но и многу построги услови за тоа со кого кандидатите тргуваат, какви технологии споделуваат и колку ја следат надворешната политика на ЕУ.

    Нацрт-предлогот на Европската комисија, предвидува досега најширока форма на „постепена интеграција“ на земјите-кандидатки. Идејата е економските придобивки од членството повеќе да не бидат резервирани исклучиво за денот кога една држава формално ќе стане членка, туку да се отвораат постепено, зависно од усогласувањето со европските правила и способноста тие правила навистина да се применуваат. Документот сè уште е предлог, а не конечна одлука на ЕУ.

    Тоа е значајна промена во логиката на проширувањето. Франција и Германија уште во јуни предложија кандидатите порано да добиваат пристап до делови од единствениот пазар, европските програми, енергетските и еколошките политики, па дури и можност за присуство на одредени европски состаноци без право на глас. Европската комесарка за проширување Марта Кос потоа јавно порача дека ЕУ треба да се оддалечи од пристапот „сè или ништо“ и да создаде поамбициозен систем на постепена интеграција.

    Но, новата понуда нема да биде само економска награда за спроведени реформи. Нацртот покажува дека Брисел сака пристапот до чувствителни делови од европската економија да го врзе и со геополитичкото однесување на кандидатите. Колку подлабоко една земја влегува во европските индустриски синџири, технологијата и единствениот пазар, толку повеќе од неа ќе се очекува соработка во спроведувањето санкции, контролата на извозот, проверката на странските инвестиции и заштитата на чувствителни технологии. Особено се споменуваат области како вештачката интелигенција, биотехнологијата и други стратешки технологии.

    Со други зборови, Брисел на кандидатите им нуди побрз економски влез, но истовремено бара тие многу порано да почнат да се однесуваат како дел од европскиот економски и безбедносен систем.

    Токму тука приказната за Македонија станува поинтересна од едноставното прашање дали земјата ќе добие нов „патоказ“.

    Според информациите објавени од повеќе европски медиуми повикувајќи се на нацртите во Брисел, посебни патокази со приоритети и индикативни рокови во оваа фаза се разгледуваат за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Северна Македонија не се споменува меѓу тие четири држави. Тоа, сепак, не е објавена конечна одлука на Европската комисија, туку дел од предлозите што допрва треба да бидат разгледувани.

    Од економска перспектива, сликата е поинаква. Македонија веќе е меѓу земјите што повлекуваат значителни средства од Планот за раст за Западен Балкан. Европската комисија во мај одобри нови 65,7 милиони евра за земјата по позитивната оценка на дел од спроведените реформи, со што вкупно ослободените средства за Македонија достигнаа 142,1 милион евра. Целиот европски инструмент за Западен Балкан располага со шест милијарди евра за периодот 2024–2027, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди поволни заеми.

    Така се создава една нова ситуација: една земја може да нема најбрз политички пат до членство, а истовремено да напредува во економското приближување кон Унијата. Двата процеса повеќе не мора да се движат со иста брзина.

    Тоа веројатно ќе биде една од централните теми и при актуелната турнеја на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен низ Западен Балкан. Европската комисија официјално соопшти дека посетите на Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија се фокусирани токму на следните чекори во евроинтеграцијата и постепеното вклучување на регионот во ЕУ. Фон дер Лајен треба во петок да ја заврши турнејата во Скопје со средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

    Паралелно со отворањето на економските придобивки, ЕУ размислува и за дополнителни заштитни механизми за идните членки. Според нацрт-документ што го објави Reuters, меѓу идеите се можноста одредени права на нова членка полесно да се суспендираат во случај на сериозно демократско назадување, привремени ограничувања во области како слободното движење на работници и земјоделството и намалување на бројот на одлуки што една држава може сама да ги блокира. Ни овие предлози сè уште не претставуваат усвоени правила.

    Оттука, новиот модел што се обликува во Брисел не е едноставно „побрзо членство“. Тој повеќе наликува на скала: колку повеќе реформи и усогласување испорачува кандидатот, толку повеќе европски економски придобивки може да добие пред формалното членство. А ако престане да ги исполнува условите, дел од тие придобивки би можеле да бидат ограничени или повлечени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично