ПОВЕЌЕ

    ОД AI И ДРОНОВИ ДО МЕСЕЧИНАТА: Пентагон со Маск ја црта мапата на идните војни

    Време зa читање: 5 минути

    Пентагон отвора нова фаза во планирањето на идните војни. Со „Project Meridian“, американското Министерство за одбрана сака за само 120 дена да добие мапа на технологиите, оружјата и системите што САД ќе треба да ги развиваат за да задржат воена надмоќ во наредните децении. Во центарот на проектот се Илон Маск, основачот на Anduril Палмер Лаки и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.

    „Project Meridian“ беше објавен на 30 септември 2026 година од американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на говор во базата на маринците во Квантико. Според официјалното образложение, задачата не е да се напише уште една долгорочна воена стратегија, туку да се утврди каде и како ќе се водат идните војни, кои технологии ќе бидат пресудни и кои конкретни системи треба што побрзо да почнат да се развиваат, тестираат и распоредуваат.

    Со основањето на работната група, Пентагон практично им дава на неколку од највлијателните луѓе од американската технолошка и политичка сцена задача да одговорат на едно многу големо прашање: како ќе изгледа војната за 20, 30 или 50 години – и што треба Америка да почне да гради уште денес за да има предност тогаш.

    Пентагон вели дека проектот ќе го опфати целиот спектар на можни идни боишта – од подземни средини до таканаречениот cislunar space, односно просторот меѓу Земјата и Месечината. Во фокусот се очекува да бидат вештачката интелигенција, автономните системи, роботиката, биотехнологијата, оружјето со насочена енергија и други технологии што можат суштински да го променат начинот на кој се води војна.

    Над проектот ќе има институционален надзор шефот за технологија во Пентагон, Емил Мајкл, а Маск, Лаки и Гингрич ќе го ко-претседавачи. Тимот треба да вклучи и експерти од академската заедница, индустријата, националната безбедност и јавните политики. Рокот е краток: 120 дена, по што треба да биде објавен јавен, некласифициран извештај со препораки, заедно со посебен класифициран анекс за военото раководство.

    ЗОШТО ТОКМУ ИЛОН МАСК?

    Улогата на Маск не е симболична. Неговата компанија SpaceX веќе е длабоко вклучена во американската национална безбедност преку лансирање сателити и други услуги за Пентагон, а неговите компании поседуваат технологија релевантна за вселенските комуникации, автономијата и вештачката интелигенција. Палмер Лаки, пак, преку Anduril развива дронови, автономни платформи, системи за електронско војување, пресретнувачи и други воени технологии.

    Токму тоа е и причината поради која нивното назначување може да предизвика критики за можен конфликт на интереси. Компаниите на Маск и Лаки веќе имаат големи договори со Пентагон, па препораките на Meridian теоретски би можеле да влијаат врз идните приоритети за набавки во области во кои тие самите имаат комерцијален интерес. Засега Пентагон го претставува нивното учество како обид да се искористи експертизата на приватниот сектор, а не како механизам за доделување договори.

    Хегсет го формулира проектот како начин САД да ја искористат својата најголема предност – технолошките компании и иноваторите – за да го предвидат развојот на војувањето пред противниците. Во официјалниот документ се наведува дека Meridian треба да ги открие „критичните capability gaps“, односно областите во кои американската армија може да остане без доволно способности, и да предложи конкретни решенија.

    Потегот предизвика и остри критики, а многу критичари истакнаа дека Маск, Лаки и Гингрич никогаш не служеле во војската во какво било својство и се запрашаа каква експертиза би можеле тие да понудат. Други, пак, изразија незадоволство од повторното вклучување на Маск во администрацијата на Трамп воопшто.

    ЌЕ ВЛИЈАЕ ЛИ „МЕРИДИАН“ НА ВОЈНАТА СО ИРАН?

    Иако во меморандумот со кој е воспоставен Project Meridian не пишува дека проектот е анализа или „lessons learned“ програма за војната со Иран, сепак, тајмингот на неговото лансирање ги поврзува. Проектот се појавува во период кога американската армија веќе извлекува искуства од тековниот конфликт со Иран, а дел од воените аналитичари го поврзуваат Meridian со пошироката потреба да се анализираат современите борбени искуства – особено употребата на дронови, автономни системи, ракетна одбрана, електронско војување и големите трошоци на модерната војна. Но тоа е контекстуална поврзаност, а не официјално наведена причина за проектот.

    Во истиот говор Хегсет најави и посебен Autonomous Warfare Command, нова четиризвездена команда чија задача ќе биде да го забрза воведувањето на дронови, роботика и автономни системи. Тоа покажува дека Meridian е дел од многу поширока промена во Пентагон – од скапи и бавни програми кон системи кои можат побрзо да се произведуваат, надградуваат и користат во големи количества.

    За самиот Project Meridian засега не е објавен посебен буџет.

    Официјалниот меморандум и објавите на Пентагон го дефинираат како 120-дневна студија и работна група, но не наведуваат колку ќе чини нејзината работа, колкави ќе бидат надоместоците за членовите или од која конкретна буџетска линија ќе се финансира.

    Бројката од 74 милијарди долари што се појавува во дел од американските медиуми не е цена на Project Meridian. Таа се однесува на пошироките планови на Пентагон за дронови и противдронски системи и на пакетот иницијативи за автономно војување.

    Ако препораките на тимот бидат прифатени, тие би можеле да насочат милијарди долари кон нови дронови, AI-системи, вселенска инфраструктура, роботика, биотехнологија или оружја со насочена енергија. Одлуките што ќе произлезат од неа можат да влијаат врз огромен дел од идниот американски одбранбен буџет.

    (Фото: Пит Хегсет во посета на специјални единици на војска на САД, Defense Mirror)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично