
По речиси половина век, една од клучните точки во македонската преносна мрежа конечно доби уреден имотно-правен статус. Објектите на трафостаницата ТС 400/110 kV Дуброво, изградена во 1977 година, се впишани како сопственост на АД МЕПСО, во државна сопственост.
Со ова се затвора проблем стар речиси 50 години, кој досега го отежнувал целосното уредување на сопственоста, но и планирањето на идни инвестиции, реконструкции и модернизација на инфраструктурата.
Решението следува по одлука на Владата и формирање работна група за регулирање на имотно-правниот статус на 110 kV трафостаниците меѓу АД МЕПСО и ЕВН АД. Врз основа на донесените одлуки, правото на сопственост над објектите на ТС Дуброво е запишано во корист на МЕПСО.
Уредувањето на сопственоста е особено важно затоа што создава правна основа за понатамошни инвестиции во објектот, негово одржување и модернизација, а со тоа и за зајакнување на сигурноста на преносната мрежа.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека паралелно се работи и на други долгогодишни имотно-правни прашања во електроенергетскиот сектор. Во тек е изработка на геодетски елаборати за објекти и недвижности што досега не биле соодветно евидентирани.
Меѓу нив е и ТС 110/20 kV Бунарџик, каде што се подготвува договор за отстапување без надоместок на една половина идеален дел од недвижниот имот во корист на АД МЕПСО.
Расчистувањето на сопственичкиот статус на оваа локација треба да овозможи реализација на новиот 110 kV далекувод ТС Бунарџик – ТС Миладиновци, кој е значаен за стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во земјава.
Од Министерството посочуваат дека со воспоставувањето поредовна координација со МЕПСО и другите институции во енергетскиот сектор, фокусот е ставен на затворање на старите административни и сопственички проблеми што со години ги блокирале или забавувале новите инвестиции.
Случајот со ТС Дуброво е првиот конкретен пример дека ваквите долгогодишни прашања почнуваат да се расчистуваат, со цел да се создадат услови за нови капитални вложувања и понатамошна модернизација на преносната електроенергетска мрежа.
Аналитика








