Поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори ќе се обебеди со модернизација на хидроалектраните, што ќе се реализира во рамките на капиталниот проект на ЕСМ, насловен „Ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3“. Особено значајно е што со оваа инвестиција се зајакнува хидропотенцијалот на државата и се создава посигурен и поквалитетен електроенергетски систем, истакна премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на промоцијата на проектот.
„АД ЕСМ ќе може во периодот којшто следи голем дел од своите производни капацитети, посебно кога зборуваме за хидроелектраните, да ги модернизира, а со самата модернизација практично да се зголеми и произведеното количество електрична енергија. Со тоа ќе се зголеми и производното портфолио на АД ЕСМ во делот на обновливата енергија. Овој проект е многу значаен“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека за оваа фаза на рехабилитација се зборувало уште во времето кога бил директор на АД ЕЛЕМ:
„Добро е што денеска раководството на АД ЕСМ, заедно со финансиските институции коишто го обезбедија финансирањето на овој проект, нешто преку грант, нешто преку поволен кредит ќе овозможи зголемување на портфолиото на производство на АД ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија, во делот на хидропотенцијалот. А, со тоа ќе се обезбеди квалитетна електрична енергија. Кога зборувам за квалитетна, тука мислам на енергија којашто може да врши секундарно и терцијарно прилагодување во рамките на системот“.
Мицкоски потсети дека целта на оваа Влада е „да бидеме нето-нула кога ќе се направи одземање, односно разлика на произведената и потрошената електрична енергија“:
„Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95 проценти. Значи, полека, но сигурно се ближиме кон целта, а тоа е да бидеме нето-нула на крајот од годината. Јас веќе мислам дека следната година дури ќе имаме и одредени вишоци. Така што и таа цел и тој приоритет, полека, но сигурно се реализираат“.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








