ПОВЕЌЕ

    АРГЕНТИНА И БРИТАНИЈА ПОВТОРНО ГИ ЗАТЕГААТ ОДНОСИТЕ ОКОЛУ ФОКЛАНДИТЕ: Милеи најави тужба за нафтен проект на Обединетото Кралство во јужен Атлантик

    Време зa читање: 3 минути

    Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи во понеделникот се закани дека ќе го тужи Обединетото Кралство поради нафтен проект во близина на Фолкландските Острови – територија под британска управа врз која Буенос Аирес полага право на суверенитет.

    Британија и Аргентина водеа кратка, но жестока десетнеделна војна во 1982 година за овие острови во Јужниот Атлантик (кои Аргентинците ги нарекуваат „Лас Малвинас“), при што во конфликтот загинаа 255 британски војници и 649 Аргентинци.

    Компаниите што го развиваат големото нафтено поле кај Фолкландските Острови – израелската „Навитас“ и британската „Рокхопер“ – инсистираaт дека поседуваат валидни дозволи за истражување издадени од Обединетото Кралство. Проектот го носи името „Си Лајон“ (Sea Lion).

    „Им наложив на Министерството за надворешни работи и на нашите правни тимови да покренат постапка за арбитража против Обединетото Кралство поради незаконското експлоатирање на нашите ресурси преку проектот ’Си Лајон‘ во басенот на Северните Фолкланди“, напиша Милеи во објава на платформата X.

    Нафтеното поле „Си Лајон“ се наоѓа на околу 220 километриод островите.

    „Доколку во рок од две недели Обединетото Кралство не ја запре нелегитимната експлоатација, ќе се обратиме до Меѓународниот трибунал за правото на морето“, додаде аргентинскиот претседател.

    Администрацијата на Милеи веќе презеде правни дејствија против проектот одобрен од Британија, тврдејќи дека тој ја прекршува резолуцијата на ОН со која се повикуваат двете страни да се воздржат од еднострани дејствија во врска со островите сè додека не се реши спорот.

    Буенос Аирес дополнително го засили своето барање за суверенитет над Фолкландските Острови откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон е отворен за преиспитување на својот историски неутрален став кон оваа територија.

    Британската влада, пак, изјави дека стои зад компаниите што работат во близина на Фолкландските Острови, тврдејќи дека тие имаат „право да ги развиваат своите природни ресурси како што сметаат дека е соодветно“.

    Претставници на бизнис-секторот од Фолкландските Острови во понеделникот пристигнаа во Пунта Аренас, Чиле, за повторно да воспостават поморска линија меѓу двете пристаништа.

    Луиз Елис, заменик-директор за економски развој на Фолкландските Острови, за агенцијата АФП во Пунта Аренас изјави дека новата бродска линија „нема апсолутно никаква“ врска со транспортот на критично важниот товар потребен за проектот „Си Лајон“. „Овој проект (за нова рута) започна пред (проектот „Sea Lion“) и отсекогаш се однесувал на она што им е потребно на Фолкландските Острови и на нашите заедници во моментов“, рече таа.

    Рутата, која треба да се отвори подоцна оваа година – а која претходно беше укината во 2000-тите бидејќи беше оценета како неизводлива – главно ќе опфаќа транспорт на градежни материјали и свежи производи, како што се храна и пијалаци, наведува France 24.

    (Фото: пристаниште на Фокландските острови, amanderson2)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично