
Берзата денес имаше еден од најактивните трговски денови во годинава. „Инвеститорскиот ден“ донесе рекорден број трансакции за 2026 година, а домашните физички лица ја искористија можноста да купуваат и продаваат акции без вообичаените провизии.
На седмото издание на „Инвеститорски ден“ на Македонската берза беа склучени 335 нормални трансакции, што е најголем број трансакции реализирани во еден ден од почетокот на годинава.
Колку денешната активност отскокнува од вообичаеното покажува и податокот дека просечниот број трансакции со акции во текот на 2026 година изнесува 66 дневно. Тоа значи дека денес биле реализирани околу пет пати повеќе трансакции од годинешниот дневен просек.
Зголемен интерес имало и на страната на налозите. Во БЕСТ системот биле внесени вкупно 497 налози за тргување, што исто така е највисока бројка забележана во текот на оваа година.
Вкупниот промет со акции во БЕСТ системот надминал 670 илјади евра, односно околу 41 милион денари.
Причината за зголемената активност е можноста што ја добија домашните физички лица во рамки на „Инвеститорскиот ден“ – да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да плаќаат провизии кон Македонската берза, Централниот депозитар за хартии од вредност и овластените пазарни учесници, за остварен промет до 10.000 евра.
Во иницијативата годинава се вклучија сите 11 членки на Македонската берза – Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер, Шпаркасе Банка Скопје и Халк Банка Скопје, како и Централниот депозитар за хартии од вредност.
Поддршка на иницијативата даде и Комисијата за хартии од вредност.
„Инвеститорски ден“ на Македонската берза се организира седма година по ред, со цел да се поттикне поголемо учество на домашните индивидуални инвеститори на пазарот на капитал.
Аналитика








