
Македонија нема да брза по секоја цена да го спушти буџетскиот дефицит под три проценти ако тоа значи запирање на инвестицискиот циклус што во последните квартали го забрзува економскиот раст. Владата е подготвена да остави нешто поголем простор кај дефицитот, под услов дополнителните пари да завршуваат во проекти што создаваат нова вредност во економијата.
Ова е суштината на пораката што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја испрати од Регионалната конференција „Охрид 2026“, каде што зборуваше за балансот меѓу фискалната консолидација и потребата да продолжат инвестициите.
Аргументот на Министерството за финансии е дека економијата веќе десет квартали по ред бележи стапки на раст од околу или над три проценти, додека во последниот квартал растот достигна 4,3 проценти. Според Димитриеска-Кочоска, тоа е сигнал дека економијата се движи во добра насока, но и дека инвестицискиот моментум не треба да се прекине со пребрзо кратење на расходите.
Токму тоа, според неа, било едно од најтешките прашања при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот – дали строго да се остане во првично планираниот дефицит или да се остави поголем фискален простор за инвестиции.
Одлуката била да се бара средина.
„Од една страна дефинитивно ќе поместиме дел од буџетскиот дефицит во нагорна линија, имајќи предвид дека најголем дел од тој дефицит ќе оди кон финансирање проекти кои ќе додадат дополнителна вредност за економијата“, рече Димитриеска-Кочоска.
Но, како што нагласи, фискалната консолидација не се сведува само на кратење на расходите. Паралелно со контролата на трошењето, Министерството ќе се обидува да ја подобрува и приходната страна на Буџетот.
Македонија во овој процес влегува со товарот од кризите во изминатите години. Буџетскиот дефицит силно се зголеми во 2020 година, а во 2021 година, според министерката, не беше направена доволно брза консолидација. Дополнителен притисок создаваат и расходите што произлегуваат од законски стекнати права, а кои во претходните години не биле соодветно предвидувани во буџетските рамки.
Оттука, враќањето кон понизок дефицит и стабилизирањето на јавниот долг ќе продолжат, но не со темпо што би можело да го загрози растот.
„Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација – буџетски дефицит под три проценти и јавен долг под 60 проценти – а на штета на тоа да направиме пореметување кај инвестициите“, рече Димитриеска-Кочоска.
Зошто инвестициите се толку важни се гледа и од структурата на последниот раст на БДП. Според министерката, токму инвестициите се главниот двигател на економскиот раст во вториот квартал. Таа направи споредба и со почетокот на 2024 година, кога растот изнесуваше 1,6 проценти, посочувајќи дека сегашните стапки покажуваат видливо подобрување.
Сепак, државните инвестиции сами по себе не се доволни.
Најголемиот предизвик останува приватниот сектор – дали домашните компании ќе инвестираат повеќе, дали ќе се појават нови производствени капацитети и дали економијата ќе успее да ја намали зависноста од големите странски компании што влегоа во земјава пред десетина и повеќе години.
Токму тука Димитриеска-Кочоска отвори уште едно прашање – дали досегашниот модел на државна поддршка треба да се менува.
Преку Развојната банка и Законот за финансиска поддршка и понатаму ќе се стимулира приватниот сектор, но можно е поддршката во иднина да биде понасочена кон компании и сектори кои државата ги смета за стратешки важни.
„Не може да зависиме и БДП да ни зависи од оние странски инвеститори кои пред 15 години дојдоа тука, а факт е дека тие се најголем мотор на создавање на БДП“, посочи министерката.
Тоа практично значи дека следната фаза од економската политика треба да биде насочена не само кон привлекување нови странски инвестиции, туку и кон создавање посилен домашен приватен сектор кој ќе има поголемо учество во растот.
Покрај финансиската поддршка, за компаниите важна е и предвидливоста – стабилни правила, јасна регулатива и средина во која инвеститорите можат да планираат на подолг рок.
Во таа насока Министерството за финансии го гледа и Планот за раст, кој не треба да се сведе само на пристап до европски пари. Неговото исполнување, според Димитриеска-Кочоска, треба да донесе поширока трансформација – од администрацијата и законодавството, до начинот на кој функционира државата и нејзиното постепено приближување кон европските стандарди.
Македонската економија, според оценката на министерката, моментално е на подобра патека од онаа на која беше пред две години. Но, вистинскиот тест допрва следува: дали растот над три и четири проценти ќе може да се одржи и тогаш кога државата истовремено ќе мора да го намалува дефицитот, да го стабилизира долгот и да создава простор за нови инвестиции.
Токму од тој баланс ќе зависи дали сегашниот инвестициски циклус ќе прерасне во подолгорочен економски раст или ќе остане само краток позитивен период.
Аналитика








