Како земјите од Западен Балкан да ги заштитат јавните финансии од економските притисоци што доаѓаат од еврозоната, како да обезбедат повеќе приходи во буџетите и како поефикасно да ја намалат неформалната економија? Овие прашања денеска ги отворија во Охрид министрите за финансии, раководителите на даночните администрации и претставниците на бизнис-секторот од повеќе земји во регионот.
Регионалната конференција „Охрид 2026“ се одржува од 9 до 11 септември во хотелот „Инекс Олгица“, во организација на Балканскиот економски форум (БЕФ), под покровителство на Министерството за финансии на Северна Македонија и со поддршка на JTI. Конференцијата е посветена на влијанието што актуелните случувања во еврозоната го имаат врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан кои се надвор од Европската Унија.
Главната конференциска програма ја отворо министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во првата панел-дискусија, посветена на патот „од притисоците во еврозоната до фискална отпорност“, заедно со Димитриеска-Кочоска ќе учествуваат вршителот на должноста министер за финансии на Косово Хекуран Мурати, поранешниот хрватски министер Здравко Мариќ, државната секретарка во словенечкото Министерство за финансии Маја Хостник Калишек и директорот за корпоративни работи и комуникации на JTI за Западен Балкан Горан Пекез. Модератор на дискусијата е поранешниот македонски министер за финансии Зоран Ставрески.
Хостник Калишек во словенечкото Министерство за финансии е надлежна токму за даноците, царините и другите давачки, што дополнително ја насочува дискусијата кон прашањето како владите да ја задржат фискалната стабилност во услови на економски притисоци, а истовремено да остават простор за инвестиции и раст.
Вториот дел од конференцијата го отвора едно од најчувствителните прашања за јавните финансии во регионот – колку приходи остануваат ненаплатени и како да се стесни даночниот јаз и просторот за неформална економија.
На овој панел ќе учествува директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, заедно со генералниот директор на Даночната администрација на Косово Ментор Хисени, вршителот на должноста генерален директор на Финансиската управа на Словенија Јанко Преац, помошник-директорот во Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина Винко Скоко, Јасна Голиќ од Даночната управа на Република Српска и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија Виктор Мизо. Дискусијата ќе ја модерира Глигор Бишев, поранешен претседател на Фискалниот совет.
Присуството на раководителите на даночните администрации му дава практична тежина на овој дел од конференцијата. Темите не се ограничуваат само на повисока наплата на даноците, туку и на подобрување на даночната дисциплина, дигитализација на процесите, сузбивање на нерегистрираната економска активност и приближување на системите кон европските правила.
Македонската УЈП на панелот ја претставува Елена Петрова, која покрај функцијата директор на Управата, во периодот 2026/2027 ја има и функцијата претседател на Интраевропската организација на даночни администрации – IOTA.
Од Косово доаѓа Ментор Хисени, кој е на чело на даночната администрација, додека словенечкиот претставник Јанко Преац од 2026 година ја предводи Финансиската управа на Словенија како вршител на должноста генерален директор. Таа институција, покрај наплатата на даноците, ги администрира и придонесите, царините, акцизите и другите јавни давачки.
Винко Скоко, пак, го предводи даночниот сектор во Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина, а на оваа раководна позиција е именуван на четиригодишен мандат од март годинава.
Целта на „Охрид 2026“ е преку ваква регионална размена на искуства да се отворат можности за поотпорни фискални политики, постабилни јавни финансии и поблиска економска интеграција на Западен Балкан. Во услови кога земјите од регионот се силно поврзани со европската економија, иако повеќето сè уште не се дел од ЕУ и еврозоната, движењата во Европа директно се пренесуваат врз трговијата, инвестициите, буџетските приходи и просторот што владите го имаат за економски политики.
Аналитика








