Македонски Телеком ќе исплаќа дивиденда за 2025 година во бруто износ од 2,495 милијарди денари, односно 28,93 денари по акција. Компанијата ги повикува акционерите кои треба да достават или да ажурираат податоци за трансакциска или банкарска сметка да го направат тоа најдоцна до 10 септември.
Исплатата на дивидендата ќе започне на 24 септември 2026 година, согласно одлуката донесена на годишното собрание на акционери на 27 мај.
Право на дивиденда имаат акционерите кои биле евидентирани во Книгата на акционери на Македонски Телеком на 3 јули 2026 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда бил 1 јули, а прв ден на тргување без право на дивиденда 2 јули.
За физичките лица – резиденти, дивидендата ќе се исплаќа на трансакциските сметки на кои им била исплатена дивидендата минатата година, доколку сметките сè уште се активни.
Новите акционери, како и оние кои сакаат исплатата да им биде извршена на друга сметка или старата сметка повеќе не им е активна, треба да достават податоци за активна трансакциска сметка и копија од лична карта до 10 септември.
Правните лица – резиденти и странските физички и правни лица исто така треба да достават податоци за банкарска сметка до наведениот рок. Странските правни лица треба да достават и потврда за резидентен статус, додека странските физички лица треба да достават единствен даночен број за даночна регистрација во Македонија.
Аналитика








