
Проблемот не е во центрите за податоци. Прашањето е: дали ќе имаме нешто вредно да ставиме во нив?
Најгласната бизнис-приказна ова лето му припадна на Алекс Карп, првиот човек на Палантир. Акциите на компанијата за само еден ден пораснаа речиси 30 насто, откако тој им порача на инвеститорите дека иднината на неговата индустрија е во она што го нарекува суверенитет. Неговите клиенти, според Карп, одбиле да станат вазални држави на големите лаборатории што развиваат вештачка интелигенција, а тие лаборатории, како што рече пред инвеститорите, сметаат дека заслужуваат да ја колонизираат вашата компанија. Кога ќе се тргне театарот, останува едноставна порака од човек што заработува продавајќи софтвер: натпреварот повеќе не се води околу тоа кој има најпаметна машина, туку околу тоа кој ги контролира податоците од кои таа машина ја црпи својата интелигенција.
Не требаше ни да погледнеме кон Силициумската Долина за да го видиме тоа. Карп зборуваше на почетокот на август, а пред крајот на месецот истата расправа ја исполни и домашната јавност. За едни центрите за податоци се иднината на човештвото, а за други се инвестиција што мора да одговори на сериозни прашања за користа и за штетата.
Под сета таа врева и под сиот бетон стои прашање што досега никој не го постави сосем отворено. Ќе создадеме ли услови сопствената вештачка интелигенција да работи со нашите податоци, или и натаму ќе ја земаме под наем од две-три компании во странство?
Ние веќе одлучивме еднаш
За да бидеме поврзани и да користиме социјални медиуми, ние веќе ги предадовме фотографиите, пораките и значително многу податоци од приватниот живот. Сето тоа се пресели на туѓи сервери и во туѓи центри за податоци, а ние прифативме, бидејќи услугата беше извонредна, а цената не се гледаше. Реалноста е дека во тоа време банките, институциите врз кои се врши најголем надзор, го задржаа финансискиот дел од нашите животи. Таа дисциплина е вистинска: ниту една друга гранка во економијата не одговара за своите податоци толку строго.
Сега и од самите чувари се бара да растат и да се менуваат ама не само во насока на тоа каде се податоците, туку притисокот од вештачката интелигенција, кој тропа на секоја друга деловна врата, не ја заобиколува ниту нивната. Во изминатите колумни зборував за значењето и за одлуките, па затоа овде би се фокусирал токму на тој дел.
Втората одлука е многу поголема и поважна
Овојпат не заминуваат фотографиите, туку знаењето и деловната мудрост на нашите компании: прашањата што ги поставува бизнисот, одлуките што ги носи и причините поради кои ги носи. И овојпат на маса не е само приватноста. Тука е пристапот, бидејќи условите, па и самиот пристап до услугата, можат да се сменат со една е-порака. Тука е и цената, бидејќи броилото е во рацете на сопственикот, а новите сметки веќе пристигнуваат.
Еве два примера од странство. Една голема компанија дозна дека условите на претплатата ѝ се менуваат, пресмета дека останувањето под новите правила би ја чинело околу сто илјади долари дневно и го изгради системот одново, врз модели што може сама да ги извршува. Друга го потроши целиот годишен буџет за вештачка интелигенција за само четири месеци. Ниту едната ниту другата не го избраа моментот, туку условите и броилото им го избраа моментот. Со приватноста веќе плативме еднаш. Следната сметка би гласела на нешто поскапо, односно на начинот на кој размислуваме и на брзината со која се развиваме.
Денес речиси сите компании кај нас ја користат вештачката интелигенција под наем за 20 долари, како што веќе и пишував. И таму кажав дека за компаниите главното прашање е дали податоците се подготвени или не. Но, кога зборуваме за центрите за податоци прашањето не е само тоа, туку е глобално. Дали ќе имаме самостојни капацитети и локални македонски производи што ќе можеме да ги контролираме или ќе зависиме од надвор и за ова? Дали ќе дозволиме цената да биде диктирана од глобалната побарувачка или од локалниот развој? Вештачка интелигенција е доволно зрела за сериозна деловна работа и денес може да работи во просториите на самата компанија, без податоците да излезат надвор. И Мајкрософт веќе продава вештачка интелигенција од најновата генерација во облик што никогаш не ја напушта зградата. Две децении ги носевме податоците таму каде што беше компјутерската моќ, и тоа секогаш нанадвор. Сега компјутерската моќ може да дојде кај податоците, а прашањето дали таа моќ ќе биде локална или не, е прашањето поради кое цела држава се расправаше минатата недела каде и дали може да се градат центри за податоци.
Што навистина значи да имаме наши центри за податоци?
Да имаме наши центри за податоци значи да имаме контрола врз три нешта: врз нашите податоци, врз системот што ги чита и врз условите под кои можеме да си заминеме. Земјата од која доаѓа добавувачот не ви гарантира ништо од тоа. Споредете ја евтината претплата на која самостојно се пријавиле вашите вработени со договорот што го потпишува компанијата. Кај евтината верзија, ако никој не ги смени почетните поставки, она што го внесуваат вашите луѓе може да стане материјал за обука на следната генерација на интелигенцијата, а може и да остане зачувано според услови за кои никогаш не сте преговарале, додека кај корпоративните договори, тоа во најголем дел е исклучено.
Токму во тоа е поентата: заштитата е договорна и се наоѓа во документи што повеќето компании никогаш не ги прочитале. Затоа, поставете три прашања. Чија вештачка интелигенција учи од нашите податоци? Каде физички се чуваат тие податоци? И што останува наше ако го раскинеме договорот?
Зградата сама по себе не е стратегија
Кога ќе се изградат тие згради, а секако ќе се изградат, сала полна со вклучени сервери сепак ќе биде само концертна сала без оркестар. Музиката ја создаваат музичарите, а не просторијата. Вистинското прашање е потешко: дали истиот податок има исто значење во сите делови од вашата компанија и дали одлуките, заедно со причините за нив, се уредно запишани. Дополнително, не треба да ги гледаме центрите за податоци како згради што друг ќе ги користи, туку главното прашање е:
„Како ние ќе ги искористиме тие капацитети?“
Од тоа зависи дали компанијата ќе може да користи систем што работи во соседството уште од првиот ден, или само ќе го пресели својот хаос во поблиска зграда. Тоа е истата основа на која овие колумни постојано се навраќаат. Зградата можеме да ја изградиме и без разлика дали ќе биде во Пехчево или на друго место, според моето мислење, е неизбежно. Начинот на кој една компанија размислува е единственото нешто што никој не може да ѝ го увезе.
Тоа е делот што ниедна лабораторија не може да ви го продаде и ниеден совет не може да ви го одобри.
Без оглед што ќе одлучи државата за зградите, одлуката дали ќе изнајмува или ќе поседува ја носи секоја компанија одделно, а најчесто ја носи случајно, без ни да забележи. Изнајмувањето денес е разумно: услугата е евтина и веднаш достапна, додека сопственото решение бара време, пари и знаење. Но цената на изнајмувањето расте во исто време кога сопственоста станува подостапна, а подготовката почнува сега, со податоците што веќе ги имате. Не мора утре да поседувате ништо. Треба само да бидете подготвени да поседувате кога изнајмувањето веќе нема да биде евтино, или кога условите ќе се сменат и ќе дознаете колку навистина плаќа еден вазал.
Карп го кажува тоа на цел глас. Домашните ентузијасти го ветуваат. А еден мал општински совет во Пехчево минатата недела ја постави трезвената верзија на прашањето, пред да одбие иницијатива за центар за податоци на својата територија: која е користа, а која е штетата? Покрај тоа прашање, треба да одговориме и на едно претходно прашање: што имаме вредно да чуваме во неа? Го поседувате ли значењето на сопствениот бизнис, или и него го земате под наем?
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








