
Точно 36.281 стан се изградени од 2020 заклучно со 2025 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, што ги анализираше Пари.
Вкупната квадратура на завршените станови изнесува 3.267.107 квадратни метри, или во просек по 90 квадратни метри. Според структура, најмногу имало изградени трособни станови ‒ 12.038, а по нив се двособни ‒ 11.129. Најмалку има станови со 8 и повеќе соби – 235 стана.
Извор: Државен завод за статистика
Како што може да се види од табелата, најмногу завршени станови имало во 2024 година. Тогаш нови клучеви биле ставени на 7.917 стана. Но, сите бројки одат во насока на градежна станбена експанзија, за која нема потреба, особено ако се има предвид дека според последниот Попис од 2021 година, повеќе од една третина од становите биле ненаселени. Од вкупно 839.174 стана, 531.987 стана или 63,4 насто се населени, а 307.187 стана или 36,6 насто се ненаселени. Во просек населените станови имаат по 103 метри квадратни, додека ненаселените во просек се по 90 метри квадратни, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите.
СЕ КУПУВАТ СТАНОВИ ЗА ДА СТОЈАТ ПРАЗНИ
Парадоксот е што и покрај толку празни станови, гладот за станбен простор не престанува. Градежната експанзија продолжува. Така, според последните податоци, само во јуни се издадени градежни дозволи за 754 нови стана.
Трендот го потврдуваат и најновите бројки од Регистарот на цени и закупнини од Агенцијата за катастар на недвижности. Во периодот од април до јуни биле регистрирани 8.369 трансакции, што претставува раст од 7,9 насто во споредба со првиот квартал. Од нив 6.221 биле купопродажби, а 2.148 договори за закуп.
Продажбите бележат раст од 20,2 насто, додека бројот на закупи е намален за 16,8 насто.
Извор: Регистар на цени и закупнини
И СТАРИ СТАНОВИ СО ЦЕНИ ОД 2.000 ЕВРА ЗА КВАДРАТ
Кај старите станови, највисока просечна цена има Општина Центар со 119.914 денари за квадратен метар, пред Карпош со 111.806 денари, Аеродром со 108.081 денар и Кисела Вода со 103.878 денари.
Рекордната продажба е забележана во Охрид, каде што стан од 66 квадратни метри бил продаден за 211.200 евра, односно по цена од 197.408 денари за квадратен метар.
Кај новоградбите повторно води Центар, каде што просечната цена достигнува 117.657 денари за квадрат, а најскапиот нов стан е продаден по 206.640 денари за квадратен метар, односно 168.000 евра за стан од 50 метри квадратни.
На пазарот на закупи, иако бројот на договори е намален, вредноста на закупнините продолжува да расте.
Во вториот квартал биле регистрирани 2.148 договори за закуп, но вкупната месечна вредност достигнала околу 1,2 милиони евра, што е девет насто повеќе од претходниот квартал.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








