ПОВЕЌЕ

    Дали 600, 900 или 2.830 денари повеќе? Пензиите растат, расте и сметката на ПИОМ

    Време зa читање: 4 минути

    Првиот ден од септември го очекуваат сите пензионери – не само оние кои сè уште ги немаат добиено августовските пензии. По четирите линеарни зголемувања, од септември се враќа старото правило: пензиите повторно ќе растат процентуално, според движењето на платите и трошоците на живот.

    Првичната пресметка покажува дека септемвриското усогласување би можело да биде околу 3 проценти. Но, тоа нема да значи исто зголемување за сите. Пензионер со 20.228 денари би добил околу 607 денари повеќе, додека кај пензија од 23.945 денари зголемувањето би било околу 718 денари.

    Така, овие пензии би пораснале на околу 20.835 и 24.663 денари. Кај највисоката пензија, пак, разликата е многу поголема. Од досегашните 94.332 денари, со трипроцентно зголемување би достигнала околу 97.162 денари, односно 2.830 денари повеќе. Толкава пензија, според податоците со кои се располага, имаат само осуммина пензионери.

    Во земјава има над 350 илјади корисници на пензија, што значи дека и релативно мал процентуален раст за ПИОМ се претвора во значителен дополнителен месечен расход.

    Зошто околу 3 проценти? Одговорот е во таканаречената швајцарска формула. Според членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември. Половина од пресметката доаѓа од растот на просечната плата, а половина од растот на трошоците на живот.

    За септемвриското усогласување се споредуваат првите шест месеци од 2026 година со второто полугодие од 2025 година. Во тој период просечната нето-плата пораснала за околу 4,75 проценти, додека трошоците на живот се зголемиле за околу 1,17 проценти. Кога двете стапки ќе се внесат во формулата, се добиваат 2,96 проценти. Со други зборови, платите се главниот мотор на ова зголемување, а инфлацијата има значително помал придонес. Сепак, конечниот процент треба официјално да биде утврден.

    Враќањето на процентуалното усогласување значи и враќање на разликите во номиналниот износ на покачувањето. Ако конечната стапка биде 3 проценти, тогаш пензијата од 20 илјади денари ќе добие + 600 денари; од 25 илјади + 750 денари; од 30 илјади + 900 денари; од 40 илјади + 1.200 денари; од 50 илјади + 1.500 денари.

    Тоа е суштинската разлика во однос на линеарните покачувања кога сите добиваа исто, а сега секој добива ист процент од својата пензија. Затоа, колку е поголема пензијата, толку поголем е и износот на зголемувањето.

    Во првата половина од годинава бројот на корисници на пензија се зголемил за 1.876 лица. Тоа само по себе значи дополнителени трошоци за Фондот, уште пред да се пресмета и новото усогласување.

    Проблемот е што ПИОМ не ги покрива сите расходи само со парите од придонесите. Според ревизијата на Државниот завод за ревизија за 2024 година, приходите од придонеси пораснале за 14 проценти, на 71,4 милијарди денари. Но, расходите за пензии растеле побрзо и надминале 90,2 милијарди денари. Затоа државниот буџет и понатаму има значајна улога во финансирањето на пензиите.

    Токму финансиската состојба на ПИОМ беше една од причините за неодамнешното пренасочување на дел од средствата од придонесите за невработеност. Во Агенцијата за вработување се акумулирани околу 4,75 милијарди денари, односно 77,2 милиони евра, кои со законските измени се ставија во функција на зајакнување на пензискиот фонд.

    Истовремено, издвојувањето за пензиско и инвалидско осигурување се зголеми од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за невработеност се намали од 1,2 на 0,1 процент. Вкупната стапка на придонеси остана 28 проценти.

    За пензионерите, барем во моментов, нема причина за страв дека пензиите ќе доцнат или ќе престанат да се исплаќаат. Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, во интервјуто за Економија и бизнис порача дека придонесите тековно се прибираат, трансферите од Буџетот се редовни и пензиите се исплаќаат навреме.

    Но, истовремено посочи дека системот се соочува со структурни проблеми и дека се потребни реформи – од поголема финансиска стабилност, до поправедна пресметка на пензиите и појасна врска меѓу уплатените придонеси и стекнатите права.

    Трошок е и здравственото осигурување на пензионерите. Според Мемов, за таа намена годишно се издвојуваат околу 13,5 милијарди денари, односно 220 милиони евра. Тој смета дека треба да се отвори прашањето дали ова треба и понатаму да биде товар поврзан со пензискиот фонд.

    Што се однесува до усогласувањето – за пензионерите најважно е зголемувањето да се почувствува во домашната каса. Пензиите ќе растат ако растат платите и економијата, но на долги патеки прашањето е колку стабилна може да биде исплатата и во следните десет, дваесет или триесет години.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично