ПОВЕЌЕ

    За оброкот што го обезбедува државата – пријавувањето на студентите почнува утре

    Време зa читање: 3 минути

    Студентите кои сакаат да ја користат државната поддршка за субвенциониран студентски оброк во академската 2026/2027 година, од утре, 26 август, можат да се пријават електронски. Рокот за пријавување е до 31 август, а право на оброк имаат студентите кои ги исполнуваат пропишаните услови.

    За да ја добиваат поддршката, студентите треба да се редовно запишани на прв или втор циклус студии или на интегрирани студии, на државен или приватен универзитет. Услов е и месечниот приход по кој било основ да не биде поголем од минималната нето-плата за тековната година, а кандидатите мора да се македонски државјани.

    Пријавувањето е целосно електронско преку e-uslugi на Министерството за образование и наука.

    При аплицирањето треба да се пополнат пријавата за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и изјава за точност на внесените податоци, да се потпишат и да се прикачат кон електронската апликација. Потоа, пријавата може да се следите преку „Мои апликации“.

    Студентите, посочено е во јавниот повик, не треба сами да ги прибираат сите документи. МОН по службена должност ќе ги обезбеди потребните податоци од МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.

    Нема промени во износот на субвенционираниот студентски оброк – 140 денари дневно со намена за купување приготвена храна. Средствата може да се користат од понеделник до сабота. Ако студентот не ги потроши парите во текот на денот, тие остануваат достапни на сметката до крајот на тековната седмица, односно до сабота.

    Оброкот не може да се користи од 1 јули до 1 октомври, како и за државни празници и други неработни денови.

    За исплатата на субвенцијата Министерството има договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го остварат правото ќе треба да потпишат договор со Банката за отворање посебна сметка и да добијат наменска платежна картичка. Отворањето на сметката и издавањето на картичката е бесплатно.

    Со картичката средствата ќе може да се користат кај регистрирани даватели на субвенциониран студентски оброк – односно места кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

    Рокот и начинот на подигање на картичките дополнително ќе ги објават Министерството и Шпаркасе банка.

    Студентите што нема да се пријават во дадениот августовски рок, не ја губат можноста да аплицираат. Од октомври, секој месец ќе има нов рок– од 1 до 5 во месецот. Тоа ќе важи за студентите кои не го оствариле правото во август или им престанало правото, а во меѓувреме повторно ги исполнуваат условите. Студентите кои ќе го минат филтерот, парите ќе почнат да ги примаат веќе следниот месец.

    За помош при аплицирањето, МОН има објавено и видео-упатство, а за дополнителни прашања студентите може да се обратат на [email protected].

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично