Македонското небо добива нова технологија за управување и контрола на воздушниот сообраќај. Во М-НАВ е ставен во употреба нов АТМ систем, а до крајот на септември се очекува во функција да биде и новиот радарски систем инсталиран на контролната кула во Скопје.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека со двата системи се подигнува нивото на безбедност и ефикасност во управувањето со македонскиот воздушен простор.
„Со инсталација на новиот АТМ систем и радарски систем во М-НАВ, македонското небо добива највисоко ниво во контрола на безбедност.
Поставувањето на новиот АТМ систем во М-НАВ е од исклучително значење за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај. Значењето е уште поголемо ако се земат предвид бројките дека има преку 12 % зголемување во првите шест месеци од 2026 година во однос на 2025 година на бројот на прелети над македонското небо“, вели Николоски.
Воедно, потсетува дека во 2025 година бил поставен новиот радарски систем на контролната кула во Скопје и е во завршна фаза на тестирање.
„Со воведувањето на овие два системи – ATM системот и новиот радар – целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде во контрола на безбедност“, нагласува Николоски.
Од М-НАВ објаснуваат дека новиот АТМ систем не претставува само замена на опремата, туку треба да обезбеди постабилна технолошка основа за понатамошниот развој на воздухопловната навигација. Според Владимир Ристески, претседател на Управниот одбор и извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација, системот овозможува поголема автоматизација, подобра обработка и презентација на податоците и современи алатки за контролорите на летање. Со тоа треба да се намали нивното оптоварување при рутинските операции и да се создадат услови за поголем капацитет на македонскиот воздушен простор.
„Со новиот систем пред сè ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и обезбедуваме поголемо ниво на сигурност, а ова е особено важно кога воздушниот сообраќај на македонското небо бележи енормен пораст. Една од најважните придобивки е и намалувањето на оптоварувањето на контролорите на летање. Со подобра автоматизација, поквалитетна обработка и презентација на податоците и современите алатки кои се користат при рутинските работи на контролорите на летање, се создаваат услови тие поефикасно и побезбедно да се справуваат со воздушните операции. Тоа директно влијае врз зголемувањето на капацитетот на македонскиот воздушен простор“, наведе Ристески.
Со новиот радар што се очекува да биде активиран до крајот на септември, модернизацијата на техничката инфраструктура на М-НАВ ќе добие уште една важна компонента.
Аналитика








