
За само еден месец се планираат 754 нови станови, а вредноста на објектите за кои се издадени одобренија е за 31 процент поголема од лани
Крановите допрва треба да се кренат, темелите да се ископаат, а зградите да почнат да се градат, но бројките веќе најавуваат силна градежна активност. Јуни донесе 296 нови одобренија за градење, инвестиции вредни 6,36 милијарди денари, односно околу 103,5 милиони евра, и план за изградба на 754 станови.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на издадени одобренија во јуни 2026 година е за 39 проценти поголем отколку во истиот месец минатата година.
Но, расте не само бројот на планираните градби. Уште посилен финансиски сигнал дава нивната вредност. Вкупната предвидена вредност на објектите за кои во јуни е дадено зелено светло изнесува 6,363 милијарди денари, што е 31 процент повеќе во споредба со јуни лани.
Практично, станува збор за градежни зафати вредни повеќе од 100 милиони евра договорени на хартија во само еден месец.
Од вкупно 296 издадени одобренија, убедливо најголем дел се однесуваат на високоградба.
За изградба на објекти од високоградбата се издадени 200 одобренија, односно 67,6 проценти од вкупниот број.
Други 26 одобренија, или 8,8 проценти, се за нискоградба, додека 70 одобренија, односно 23,6 проценти, се однесуваат на реконструкции.
Податоците покажуваат и географска разлика меѓу тоа каде има најмногу одобренија и каде се концентрирани најголемите пари.
Полошкиот Регион е на врвот според бројот – таму во јуни се издадени 70 одобренија за градење.
Од друга страна, според предвидената вредност на градежните работи, најголемиот инвестициски залак е во Скопскиот Регион, каде што вредноста достигнува околу 3,48 милијарди денари.
Посебно впечатлив е станбениот дел од статистиката.
Само со одобренијата издадени во јуни е предвидена изградба на 754 станови, кои заедно треба да имаат вкупна корисна површина од 64.266 квадратни метри.
Најмногу се планираат станови со две и три соби.
Од вкупниот број, 267 ќе бидат двособни, а 214 трособни. Планирани се и 116 четирисобни, 79 еднособни и 33 петсобни станови.
Тоа значи дека само двособните и трособните станови сочинуваат значителен дел од новата станбена понуда што е предвидена со јунските одобренија.
Кај дури 218 од вкупно 296 објекти, или 73,6 проценти, како инвеститори се јавуваат физички лица. Деловните субјекти се инвеститори кај 78 објекти, односно кај 26,4 проценти.
Но, кога наместо бројот на одобренија ќе се погледне вредноста на инвестициите, сликата е сосема поинаква.
Од вкупно 6,36 милијарди денари предвидена вредност на објектите, речиси пет милијарди денари се поврзани со инвестиции на деловни субјекти, додека кај физичките лица вредноста е околу 1,37 милијарди денари.
Оттука, иако граѓаните се појавуваат како инвеститори кај речиси три четвртини од одобрените објекти, големиот инвестициски капитал во јуни доаѓа од компаниите.
Јунските бројки, барем според издадените одобренија, покажуваат значително раздвижување на градежниот сектор: 39 проценти повеќе одобренија, 31 процент повисока предвидена вредност и стотици нови станови во план.
Колку од оваа градежна офанзива ќе се претвори во реални објекти на терен ќе се гледа во периодот што следува, но едно е веќе јасно – апетитот за градење во јуни бил значително поголем од ланскиот.
Аналитика








