ПОВЕЌЕ

    Купил униформа преку оглас и година и пол „бил полицаец“: Безбедносен пропуст на најголемиот словенечки аеродром

    Време зa читање: 5 минути

    За да станете полицаец потребни се конкурс, безбедносни проверки, обука, испити и соодветни овластувања. Но, на најголемиот словенечки аеродром еден човек очигледно успеал да најде многу пократок пат, набавил полициска опрема, се претставувал како полицаец и речиси година и пол се движел покрај вистинските полицајци како да е еден од нив.

    Случајот што го потресе словенечкиот безбедносен систем се случувал на аеродромот „Јоже Пучник“ кај Љубљана, попознат како Брник. Она што на почетокот изгледало како необична приказна за човек кој се преправал дека е полицаец, по спроведениот вонреден надзор прерасна во многу посериозна афера. Извештајот открил низа безбедносни и организациски пропусти и го поставил прашањето како е можно човек без полициски овластувања толку долго да биде прифатен во полициското опкружување.

    Според наодите од надзорот, човекот најмалку од крајот на април 2024 година до септември 2025 година се претставувал како помошен полицаец. Во тој период бил присутен или учествувал во најмалку 16 полициски постапки.

    Не станувало збор само за тоа да облече униформа и да се прошета низ терминалот. Тој патролирал со вистински полицаец, присуствувал на полициски интервенции, а бил вклучен и при обезбедување место на сообраќајна несреќа. Фотографиите направени токму при една таква интервенција подоцна помогнале да биде откриен.

    Уште позагрижувачки е што човекот не се движел само во јавно достапните делови од аеродромот. Надзорот утврдил дека влегувал и во административните простории на полициската станица на Брник, каде што поради работата со чувствителни и тајни информации важи ограничен режим на пристап.

    Не било утврдено дека користел полициски електронски бази или дека дошол до доверливи податоци, но самиот факт што лице без овластување можело да влегува во такви простории предизвикал сериозна загриженост кај надзорните органи.

    Дополнително, тој не бил непознат на аеродромот. Претходно работел како обезбедувач на Брник, поради што добро го познавал просторот, начинот на функционирање и дел од луѓето што работеле таму. На полициските службеници им се претставувал како помошен полицаец, а очигледно бил доволно убедлив за неговата приказна долго време да не биде сериозно доведена во прашање.

    Иронијата е во тоа што човекот навистина сакал да стане полицаец. Двапати се обидувал да влезе во полицијата преку официјална процедура и се пријавувал за полициско образование, но не бил примен.

    Она што не успеал да го постигне преку конкурс, практично си го овозможил самиот.

    Дел од опремата ја набавил преку словенечкиот огласник „Bolha“. Имал облека што изгледала како полициска, лажна службена легитимација и пиштол на гас. Кај него била пронајдена и бележница во која ги запишувал своите „службени“ активности.

    Токму бележницата подоцна станала важен доказ. Во неа биле запишувани податоци поврзани со постапките во кои бил присутен, вклучувајќи лични податоци и регистарски ознаки. Со нејзина помош истражителите успеале подобро да реконструираат колку долго и во какви активности бил вклучен.

    Најневеројатниот дел од случајот, сепак, е што полицијата добила предупредување за него пред тој конечно да биде откриен.

    На 30 септември 2025 година во полициската евиденција била внесена информација дека на Брник има лице кое се претставува како полицаец, извршува полициски активности и носи оружје. Информацијата била оценета како вистинита и сигурна.

    Сепак, според наодите од вонредниот надзор, не била веднаш започната соодветна внатрешнобезбедносна постапка, ниту случајот бил навремено проследен за дополнителни проверки.

    Девет дена подоцна пристигнало уште едно предупредување.

    А човекот во меѓувреме продолжил да се претставува како полицаец.

    Конечно бил откриен во средината на октомври, откако бил препознаен на фотографии направени при интервенција на аеродромот. Тогаш почнала да се расплетува приказната и станало јасно дека не се работи за изолиран инцидент, туку за активности што траеле повеќе од една година.

    Но, проблемите не завршиле ниту со неговото откривање.

    Надзорниците пронашле неправилности и во начинот на кој полицијата постапила откако човекот бил приведен. Според објавените наоди, не била употребена соодветната правна основа за дел од постапката, а имало забелешки и за документацијата. Не бил извршен претрес на неговиот дом, ниту му биле одземени електронските уреди, што подоцна било посочено како уште еден пропуст.

    Кога случајот првпат стана јавен, полицијата се обидуваше да ги смири стравувањата. Од аеродромската полициска станица тогаш тврдеа дека човекот не влегувал во заштитениот дел на аеродромот, дека немал пристап до полициските бази и дека безбедноста на авиосообраќајот не била загрозена.

    Подоцнежниот вонреден надзор, меѓутоа, прикажа многу понепријатна слика.

    Во извештајот од повеќе од 50 страници биле идентификувани слабости што можеле да овозможат неовластен пристап до заштитени подрачја и да создадат потенцијален ризик за полицијата, полициските службеници и безбедноста на аеродромот.

    По аферата следувале дисциплински мерки. Полицаецот кој најчесто бил во контакт и работел со лажниот полицаец добил предупредување пред отказ, а подоцна останал без работа поради друг случај. Предупредување добил и командирот на аеродромската полиција, како и други вработени. Надлежните предложиле и промени во внатрешните процедури, начинот на обработка на оперативни информации и контролата врз полициската опрема.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично