
Сметките за вода, комуналии и другите услуги што ги издаваат јавните претпријатија во иднина треба да станат дел од новиот систем за електронско фактурирање. Подготовките веќе се забрзуваат, а општините и јавните претпријатија влегуваат во фазата во која системот не само што се претставува, туку и практично се тестира.
Управата за јавни приходи, во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, организираше обука за 80 претставници од општините и јавните комунални претпријатија, со цел тие навреме да се подготват за воведувањето на е-Фактура.
Во фокусот не беше само начинот на кој ќе се издава една електронска фактура. На маса беа и многу поконкретни прашања – како јавните претпријатија ќе испраќаат голем број фактури кон граѓаните, дали сегашните информациски системи ќе можат директно да се поврзат со новата платформа и дали ќе може да продолжат да се користат веќе издадените квалификувани електронски потписи.
Токму овие прашања предизвикале најголем интерес кај учесниците на обуката.
УЈП во моментов го тестира системот во пилот-фаза, а корисниците можат да се приклучат на два начина – со директно поврзување на сопствените деловни информациски системи преку API или преку бесплатната веб-апликација на е-Фактура.
Тоа е особено важно за поголемите јавни претпријатија, кои секој месец издаваат огромен број фактури и кај кои рачното внесување практично не би било решение. Затоа едно од клучните прашања е дали нивните сегашни системи ќе можат автоматски да „комуницираат“ со новиот систем.
Во оваа фаза се проверува речиси целиот животен циклус на една е-фактура, од нејзиното креирање и испраќање, преку приемот и валидацијата, до прифаќањето, одбивањето и сторнирањето.
Паралелно се тестираат различни видови документи и даночни индикатори, а планот е опфатот постепено да се проширува сè додека системот не ги опфати сите процеси и сите видови документи што ќе треба да се користат во пракса.
УЈП ги повика општините и јавните претпријатија да не го чекаат последниот момент, туку уште во пилот-фазата масовно да го тестираат системот. Идејата е евентуалните слабости, нејаснотии и административни пречки да се откријат пред е-Фактурата да почне да се применува во целосен обем.
Од нив се очекува и да доставуваат конкретни забелешки и предлози, особено ако одредени постапки можат да се поедностават или автоматизираат.
Јавните претпријатија имаат особено важна улога во целиот процес. Тие се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата, поради што нивната подготвеност ќе биде еден од главните тестови за тоа колку непречено ќе се одвива преминот кон електронско фактурирање.
За УЈП, воведувањето на е-Фактура не треба да значи само замена на хартијата со електронски документ. Очекувањето е системот да донесе побрзи и поефикасни деловни процеси, поголема транспарентност и дополнително забрзување на дигитализацијата.
Но, пред тоа да се случи, системот треба да помине низ практиката – со реални корисници, реални фактури и реални проблеми.
Токму затоа сегашната пилот-фаза може да биде и најважниот дел од подготовката: сега треба да се види дали системот што изгледа функционално на хартија ќе може подеднакво добро да работи и кога низ него ќе почнат да минуваат илјадници и илјадници фактури.
Аналитика








