ПОВЕЌЕ

    Смени сопственик, име и адреса: Алта Осигурување од Битола се сели во Скопје

    Време зa читање: 2 минути

    Битолското ЗОИЛ Македонија го смени името, седиштето и сопственичката структура, а со дополнителна докапитализација основната главнина е зголемена на 4,3 милиони евра. Друштвото ќе работи под името Алта Осигурување АД Скопје. Централата од Битола се пресели во Скопје, на булеварот 8-ми Септември.

    Српскиот бизнисмен Давор Мацура се стекна со 100 насто од акциите со право на глас и е единствен акционер на осигурителната компанија.

    Промените уследија откако во април годинава беше реализирана блок-трансакцијата преку која беше извршена купопродажба на целиот пакет од 60.000 акции, во износ од 104.881.800 денари, односно околу 1,7 милиони евра.

    Новиот сопственик во меѓувреме го зголеми капиталот на друштвото. Во јуни Комисијата за хартии од вредност даде одобрение за втора емисија акции во вредност од 1,3 милиони евра – 26.000 обични акции со номинална и продажна вредност од 50 евра по акција. Акциите ги презеде и ги уплати единствениот акционер.

    Со промената на сопствеништвото и името е избран и нов состав на Одборот на директори. Претседател е проф. д-р Зоран Ивановски, неизвршен член е проф. д-р Марко Андонов, додека извршен член на Одборот на директори е м-р Александар Аневски.

    Осигурителната компанија која постои од 2023 година, влегува во нова фаза од работењето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично