Македонската надворешнo-трговска размена со стоки продолжува да расте. Само во јули вкупната трговска размена е повисока за 17,2 насто во споредба со истиот месец лани. Со порастот од 19,1 насто извозот се зголемува со побрзо темпо од увозот и регистрираните 16 насто. На полугодишно ниво размената со странство го помина прагот од 10 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз останува над 70 насто.
Во првите шест месеци од годинава вкупната стоковна размена е повисока за 7,8 насто во однос на истиот период лани. Извозот е зголемен за 8 насто, увозот за 7,7 насто, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 71,3 насто.
Најсилен раст на извозот од 43,5 насто е забележан кај минералните горива, мазива и сродни производи. Следуваат животински и растителни масла, масти и восоци со 33 насто; и хемиски и сродни производи со 21,1 насто.
Стапки на зголемување има кај суровини (кои не се храна) освен гориво за 6,8 насто; пијалоци и тутун за 3,4 насто; како и кај храната за 0,9 насто.
Во рамките на увозот, во првата половина од годинава е регистриран пад кај храна и живи животни, за 0,8 отсто, додека кај сите други категории на производи е има раст.

РАЗМЕНАТА СО ГЕРМАНИЈА – 2,1 МИЛИЈАРДА ЕВРА
Во размената со стоки најзначајни трговски партнери на Македонија и во првата половина од годината остануваат Германија, Велика Британија и Грција, а потоа следуваат Кина, Србија, Бугарија и Турција.
Во овој период, во трговијата со Германија е забележан раст на извозот на стоки за 4,3 % и пад на увозот за 4,4 отсто на годишна основа. Вкупната трговска размена на стоки со Германија изнесува 2 100 милиони евра, при што 75 отсто се лоцираат на извозната страна.
Трговската размена со Велика Британија изнесува 1 112 милиони евра при значителен пораст на увозот во првата половина на годината и учество на увозот од 95 отсто во вкупната трговска размена.
Обемот на размена со стоки со Грција во првата половина од годината достигна 751 милион евра, каде што увозот има удел од 81 отсто во вкупната размена. На релацијата со Кина исто така доминира увозот, со учество од 97 отсто во вкупната трговска размена од 655 милини евра. Со Србија трговската размена изнесува 619 милиони евра, а доминира увозот со 60 отсто. Сепак, извозот со Србија бележи годишен раст во првата половина од годината од 15,9 насто во услови на пад на увозот од 1,2 отсто.

КАЈ УСЛУГИТЕ, СОСЕМА ДРУГА СЛИКА – ИМАМЕ СУФИЦИТ
За разлика од размената со стоки, каде што традиционално опстојува трговскиот дефицит, во размената со услуги остваруваме трговски суфицит.
Според експерименталните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – декември 2024 година, кај размената на услуги на Македонија со странство е остварен суфицит од 954 милиони евра. Во истиот период, извозот на услуги од земјава изнесува 2 089 милиони евра, додека вредноста на увезените услуги е 1 136 милиони евра.
Трговската размена по групи на услуги покажува дека учеството на телекомуникациските, компјутерските и информациските услуги е најголемо во извозот (29,5 %), а во увозот најзастапени се транспортните услуги (28,4 %). Истражувањето не ги опфаќа услугите за патувања и финансиските интермедијарни услуги мерени индиректно (ФИСИМ).
Во периодот јануари – декември 2024 година, во размената со услуги Македонија најмногу соработувала со земјите членки на Европската Унија. Извозот бил во вредност од 1 089 милиони евра (52,1 %), а увозот 556 милиони евра (48,9 %).
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена со услуги, најмногу се тргувало со Обединетото Кралство – 542 милиони евра и со Германија – 440 милиони евра. Следуваат Србија (192 милиони евра), Бугарија (181 милион евра), Швајцарија (180 милиони евра) и САД (179 милиони евра). Со сите овие земји остваруваме суфицит во размената со услуги, освен со Србија, каде што е забележан дефицит. Првите 20 земји учествуваат со 83,9 отсто во вкупниот обем на размената.

Р.П.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








