Најновото издавање на трите емисии државни хартии од вредност не претставува ново непланирано задолжување, туку е дел од Буџетот и од ребалансот усвоени од Собранието, уверува Министерството за финансии. Притое, се потенцира дека сите аукции и услови за издавање однапред се објавени во календарот за емисии на државни хартии од вредност и се целосно транспарентни.
„Министерството за финансии информира дека издавањето на државните хартии од вредност коишто од денеска котираат на официјалниот пазар на Македонска берза се дел од планираното задолжување на домашниот пазар согласно усвоениот Буџет и Ребаланс за 2026 година во Собранието. Дополнително, издавањето на овие емисии на државни хартии од вредност е транспарентно објавено на веб-страницата на Министерството за финансии во календарот на аукции на државни хартии од вредност за третиот и четвртиот квартал, кој беше објавен во текот на јуни 2026 година. Исто така, транспарентно на веб-страницата се објавени и проспектите за одржување на аукциите со условите и датумите на нивното одржување“, наведено е во соопштението упатено до јавноста.
Исто така, се посочува дека Министерството за финансии денес ги објави податоците за реализацијата на Буџетот за периодот од 1 јануари до 31 јули 2026 година, според кои приходите се прибираат согласно планот и бележат раст во однос на истиот период лани, додека обврските редовно се сервисираат.
„Податоците покажуваат дека вкупните приходи заклучно со 31 јули достигнале 204,553 милијарди денари, што претставува 53,9% од планираното и раст од 9,3% на годишно ниво. Даночните приходи, како изворни приходи на Буџетот, се реализирани во износ од 117,963 милијарди денари, односно 55,33% од планот, со годишен раст од 10%.
Кај даночните приходи највисока реализација има кај данокот на добивка – 62,8% од планот, при што во Буџетот се слеани 16,687 милијарди денари, што е за 20,6% повеќе од истиот период лани. Од ДДВ се реализирани 53,026 милијарди денари или 56,78% од планот, со раст од 13,4%, додека приходите од персонален данок достигнале 20,925 милијарди денари, што е 53,93% од планот и 11,9% повеќе од лани. Приходите од увозни давачки изнесуваат 9,361 милијарди денари, односно 56,4% од планот, со раст од 10,3%. Во истиот период кон компаниите е вратен ДДВ во износ од 23,333 милијарди денари, што е за 3,5% повеќе во споредба со првите седум месеци од 2025 година.
Државата излезе на берза со три нови обврзници од 41 милион евра
На расходната страна, капиталните расходи достигнале 21,288 милијарди денари, што претставува раст од 39,6% во однос на истиот период минатата година.
Министерството информира и дека се исплатени 49,351 милијарда денари обврски по основ на стари долгови на странскиот пазар, како и 11,665 милијарди денари отплати кон домашни кредитори. Во овој период се исплатени и обврзници по основ на денационализација во износ од 308 милиони денари“, велат од Финансии и повторно потсетуваат дека „остануваат посветени на транспарентно и одговорно управување со јавните финансии, во согласност со законските решенија и усвоените стратешки документи“.
Аналитика








