ПОВЕЌЕ

    Македонска берза: Водич за компаниите – како до свеж капитал преку акции, обврзници и берзанска котација

    Време зa читање: 2 минути

    Македонската берза објави Водич за трансформација и раст на бизнисите, наменет за домашните компании што размислуваат за финансирање преку пазарот на капитал. Публикацијата треба да им помогне на претпријатијата полесно да ги разберат чекорите за трансформација во акционерско друштво, издавање акции или обврзници и котирање на Берзата.

    Во водичот детално е објаснет целиот процес – од тоа како друштво со ограничена одговорност (ДОО или ДООЕЛ) може да стане акционерско друштво, па сè до јавната понуда на акции (IPO) и животот на компанијата по влезот на берза. Посебен акцент е ставен на можностите за обезбедување свеж капитал за инвестиции и развој, но и на опциите постојните сопственици делумно да го впаричат својот удел преку продажба на акции.

    Публикацијата ги разработува и различните модели на издавање акции, придобивките од котацијата на официјалниот пазар, како и можноста за прибирање средства преку корпоративни обврзници. Во неа се обработени и практичните аспекти на процесот – избор на советници, подготовка на документацијата, законските барања, улогата на Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар за хартии од вредност и Македонската берза.

    Според Берзата, пристапот до пазарот на капитал не значи само обезбедување финансиски средства, туку и повисоко ниво на транспарентност, подобро корпоративно управување, поголема препознатливост кај инвеститорите и полесен пристап до идни извори на финансирање.

    Водичот е изработен во рамките на иницијативата „Август – месец на подготовки за пазарот на капитал“, преку која Македонската берза организира и бесплатни консултации за заинтересираните компании. Во фокусот е и Проектот за поттикнување и подготовка на македонски компании за пазарно финансирање, чија цел е да охрабри повеќе домашни бизниси да го искористат пазарот на капитал како алтернатива на традиционалното банкарско кредитирање.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично