ПОВЕЌЕ

    Македонските аеродроми „летаат“ над европскиот просек: 41 % раст во Охрид и 2,2 милиони патници во Скопје

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските аеродроми продолжуваат со силен раст, а најголемиот пробив во јули го направи охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, кој го забележа најуспешниот месец во својата историја. Бројот на патници на охридскиот аеродром во јули порасна за 41,2 насто на годишно ниво, а бројот на летовите се зголеми за 34,6 насто.

    Во текот на јули преку охридскиот аеродром поминале 52.544 патници, а биле реализирани 443 летови. Поставени се и дневни рекорди – на 26 јули бил регистриран најфреквентниот ден во историјата на аеродромот со 2.988 патници, додека на 20 јули биле реализирани рекордни 22 летови.

    Растот не е ограничен само на летната сезона. Во првите седум месеци од годината охридскиот аеродром опслужил 175.182 патници, или за 24,2 насто повеќе во споредба со истиот период лани. Паралелно со тоа, бројот на летовите достигнал 1.350, а проследен е со раст од 28,7 насто.

    Позитивниот тренд е присутен и на Меѓународниот аеродром Скопје. Во јули скопскиот аеродром опслужил 408.925 патници. Споредено со ланскиот јули има зголемување од 29,5 насто. Во седумте месеци од годинава бројот на патници достигнал 2,24 милиони, со раст од 29 насто. Бројот на реализираните летови е зголемен за 7,1 насто, на 14.930 операции.

    Вкупно, од двата македонски аеродроми, од јануари и заклучно со јули, допатувале и отпатувале околу 2,42 милиони патници. На годишна основа е забележан напредок од 28,4 насто. Бројноста на летовите е поголема за 8,6 насто.

    „Континуираниот силен раст што веќе подолг период го бележиме на двата македонски аеродроми не прави исклучително горди. Рекордните резултати на охридскиот аеродром се уште една потврда дека јасната визија, посветената работа и долгорочната стратегија даваат резултати“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

    Тој посочи дека проширувањето на мрежата на авиолинии и активностите за привлекување нови авиокомпании придонесуваат Охрид да стане подостапна и поатрактивна дестинација за туристите.

    „Новите авиолинии и заедничките активности со Владата за привлекување нови авиокомпании придонесуваат Охрид да стане сѐ попрепознатлива дестинација. Инвестициите во развојот на мрежата на линии и подобрувањето на услугите создаваат нови можности за развој на туризмот и економијата“, додава Курт.

    Воедно, нагласи дека реконструкцијата на охридскиот аеродром се одвива без прекин на редовниот авиосообраќај и без нарушување на услугите за патниците.

    Успешните резултати се потврдени и од Меѓународниот совет на аеродроми – Европа (ACI Europe). Според последниот извештај, Македонија е лидер меѓу земјите надвор од ЕУ+ според растот на патничкиот сообраќај во првата половина од 2026 година, со зголемување од 27,9 насто.

    За споредба, европските аеродроми во просек бележат раст од 2,6 насто. Во истиот период, зад Македонија се Албанија со раст од 17,2 насто, Молдавија со 21 и Црна Гора со 10,4 насто. Скопскиот аеродром е рангиран меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, со раст од 28,6 насто.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично