ПОВЕЌЕ

    ДОЛГОТ СЕ НАМАЛИ ЗА 21 МИЛИОН ЕВРА, но останува блиску до границата од 60 отсто

    Време зa читање: 3 минути

    За три месеци јавниот долг на државата е намален за 21 милион евра. На крајот од јуни тој изнесувал 10,726 милијарди евра, што е еднакво на 58,8 отсто од бруто-домашниот производ.

    Според податоците што ги објави Министерството за финансии, во споредба со првите три месеци од годината, учеството на јавниот долг во БДП е намалено за 0,1 процентен поен.

    Иако кварталната промена е мала, разликата е поголема кога сегашното ниво ќе се спореди со состојбата од претходните години. Јавниот долг сега е понизок за 2,6 процентни поени во однос на крајот на 2024 година и за 0,6 процентни поени во споредба со крајот на 2025 година.

    Намалувањето доаѓа во период кога државата исплаќала значителни обврски кон доверителите. Во вториот квартал биле платени над 300 милиони евра за сервисирање на дел од Еврообврзницата издадена во 2020 година, во вкупна вредност од 700 милиони евра.

    Најголемиот дел од оваа Еврообврзница бил отплатен уште во првиот квартал од годинава.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека државата досега успешно ја контролира состојбата со задолженоста, иако јавниот долг подолг период се движи во близина на 60 отсто од БДП.

    „Јавниот долг во вториот квартал изнесува 58,8 отсто од БДП. Ние успеавме да го изменаџираме сето тоа и да ги ставиме работите под контрола. Не е едноставно цело време да се движите со ниво на јавен долг околу 60 отсто од БДП и да се борите да не го надминете тој праг“, изјави Димитриеска-Кочоска во гостување на МТВ.

    Според неа, границата од 60 отсто не треба да се набљудува изолирано, без да се земе предвид за што се користат средствата обезбедени преку задолжување.

    Таа посочи дека во одреден период долгот може да ја надмине границата што се смета за психолошки праг, но дека клучно е парите да бидат насочени кон проекти што ќе создадат економски раст.

    „Кога станува збор за новите задолжувања, во исто време гледаме и што се случува и што се прави. Тоа дава дополнителен раст на економијата и понатаму подобар животен стандард“, рече министерката.

    Димитриеска-Кочоска истакна дека подобриот животен стандард не се мери само преку платите, туку и преку квалитетот на болниците, патиштата, железницата и останатата инфраструктура.

    Според неа, доколку позајмените средства се користат правилно, задолжувањето може да придонесе кон развојот на економијата, дури и кога во одреден момент долгот ќе ја премине границата од 60 отсто од БДП.

    Покрај јавниот долг, Министерството ги објави и податоците за државниот долг. Заклучно со 30 јуни 2026 година, тој изнесувал 9,432 милијарди евра, односно 51,7 отсто од БДП.

    Во однос на мај, државниот долг е намален за 41 милион евра, односно за 0,2 процентни поени.

    Податоците за јавниот долг се објавуваат квартално, додека состојбата на државниот долг се следи и се објавува секој месец.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично