Владата бара од Собранието да го одобри новото задолжување од 25 милиони евра кај Светска банка за спроведување реформи во управувањето со јавните финансии, даночната администрација и дигитализацијата на државните институции.
Станува збор за нов модел на финансирање, кој го заменува претходно договорениот заем од 20 милиони евра за проектот ИФМИС. Од тој кредит досега се искористени само 800.000 евра, додека преостанатите 19,2 милиони евра ќе бидат откажани и заменети со нова кредитна линија од 25 милиони евра. Поради тоа, на 22 јули Министерството за финансии до Собранието достави два предлог-закони – едниот за изменување на постојниот Закон за задолжување, а другиот за одобрување на новото задолжување.
Од првичниот заем од 20 милиони евра, одобрен во 2022 година за проектот за воспоставување на интегрираниот систем за управување со јавните финансии (ИФМИС), досега се повлечени само 800.000 евра. Владата предлага да се откажат преостанатите 19,2 милиони евра, а постојниот договор со Светска банка да се измени, така што проектот ќе биде затворен една година порано – на 30 септември 2026 година, наместо на крајот на 2027 година.
Наместо стариот модел, Владата ќе премине кон нов инструмент од Светска банка – „Програма за резултати“ (Program-for-Results), преку кој исплатата на средствата ќе зависи од исполнувањето на конкретни реформски цели. За таа цел веќе е предложено ново задолжување од 25 милиони евра.
Најголемиот дел од средствата – 23 милиони евра – Светска банка ќе ги исплаќа само откако државата ќе исполни однапред утврдени индикатори и реформски цели. Преостанатите 2 милиони евра ќе бидат наменети за техничка поддршка, градење институционални капацитети и управување со проектот.
Со програмата треба да се модернизираат системите за буџетирање, сметководство, надзор на државната помош и даночната администрација, во согласност со новиот Закон за буџети и реформските програми на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.
Во спроведувањето на реформите ќе бидат вклучени Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Министерството за дигитална трансформација, додека Државниот завод за ревизија ќе ја има улогата на независен верификатор кој ќе потврдува дали се исполнети условите за повлекување на средствата.
Според предложениот закон, заемот ќе се отплаќа во рок од 12 години, со тригодишен грејс-период. Каматната стапка ќе биде шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон, а отплатата ќе се врши во 18 полугодишни рати, кои ќе доспеваат секој 15 јануари и 15 јули.
Државата ќе плати и еднократна провизија од 0,25 отсто од износот на заемот, која ќе се финансира од самите заемски средства. Дополнително, ќе се пресметува и годишна провизија од 0,25 отсто на неповлечениот дел од кредитот, сѐ додека средствата не бидат искористени или откажани.
За двата законски предлози се бара скратена постапка, бидејќи нивното усвојување е предуслов за потпишување на новиот договор за заем со Светска банка, како и на амандманот со кој ќе се откаже неискористениот дел од претходниот кредит.
Аналитика








