Комисијата за хартии од вредност му даде согласност на Благој Митров да биде извршен член на Одборот на директори, односно извршен директор на Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови Прајм Капитал АД Скопје, со мандат од четири години.
Со најновата одлука на регулаторот, Митров и формално продолжува да ја води извршната функција и по промената на сопственоста и трансформацијата на друштвото во Прајм Капитал. Тој ја извршува истата функција уште од 2016 година, а КХВ во 2020 и повторно во 2024 година му издаде согласност за нови четиригодишни мандати како извршен директор на тогашниот Иново Статус.
Во мај годинава финансискиот едукатор Иван Ивановски преку блок-трансакција го презеде целиот акционерски капитал на тогашниот Иново Статус. По преземањето, друштвото го смени името во Прајм Капитал, а Ивановски стана единствен акционер и извршен член кој претседава со Одборот на директори. Во раководното тело останаа и Миа Стефановска-Зографска, Благој Митров, Ненад Јовиќ и независниот член Томислав Димитријев.
Прајм Капитал управува со отворени и затворени инвестициски фондови, нуди услуги за инвестициско советување и управување со индивидуални портфолија, како и административни и оперативни услуги поврзани со работењето на инвестициските фондови.
Аналитика








