
Дали македонските граѓани стануваат поштедливи, подисциплинирани или, едноставно, повеќе не ги сакаат кредитните картички? Додека бројот на дебитни картички бележи раст, кредитните картички веќе две години по ред губат корисници. Трендот отвора интересно прашање: дали кредитната картичка ја губи својата некогашна важност?
Ако бројот на издадени картички е показател за интересот на граѓаните, тогаш заклучокот е прилично јасен: кредитните картички полека ја губат привлечноста кај Македонците. Не станува збор за драматичен пад од месец во месец, туку за стабилен, тивок и долгорочен тренд што најдобро покажува промена во навиките.
Според анализата на порталот Пари, во јануари 2024 година во земјата имало 308.565 кредитни картички, додека во март 2026 година бројот се намалил на 264.232. Податоците од Народна банка покажуваат дека има пад од 44.333 картички, односно 14,4 насто во рок од речиси две години. Во истиот период, бројот на дебитни картички пораснал од 1.616.090 на 1.739.112, што значи зголемување од 123.022 картички или 7,6 насто. Во првите три месеци од 2026 година има незначителен пораст, од 264.086 кредитни картички во јануари на 264.232 во март, но тоа не го менува трендот.
Во јануари 2024 година кредитните картички учествувале со околу 16,0 насто во вкупниот број дебитни и кредитни картички. До март 2026 година нивниот удел се намалил на околу 13,2 насто. Овој податок покажува дека не станува збор само за апсолутно намалување на кредитните картички, туку и за уште поголема доминација на дебитната картичка.
Извор: НБРСМ
Во јануари 2024 година имало околу 5,2 дебитни картички на една кредитна картичка, а во март 2026 година тој однос се зголемил на околу 6,6 дебитни картички на една кредитна картичка.
Ова значи дека пазарот не се оддалечува од картичките како инструмент за плаќање. Напротив, картичките се користат, но граѓаните, очигледно, сѐ повеќе се ориентираат кон дебитни картички, односно кон плаќање со расположливи средства и дозволено пречекорување.
Всушност, Македонија во одредена мера ги следи европските трендови. Низ поголем дел од континентот дебитните картички традиционално доминираат, а многу потрошувачи за кредитни потреби се потпираат на потрошувачки кредити, рати или нови дигитални модели на плаќање наместо на класични кредитни картички.
Слична е состојбата и во Македонија. Во 2024 година, бројот на дебитни картички порасна од 1.616.090 на 1.651.629, во 2025 година од 1.666.854 на 1.722.740, а во март 2026 година достигнува 1.739.112. Тоа покажува дека граѓаните и понатаму активно користат картички, но во форма што е директно поврзана со нивната сметка, плата и расположливи средства.
Падот кај кредитните картички не е ограничен на еден бренд. Кај кредитните картички Мастеркард бројот се намалува од 153.423 во јануари 2024 на 125.035 во март 2026, што е пад од околу 18,5 насто. Кај кредитните картички Виза бројот се намалува од 138.399 на 124.767, односно има пад од 9,8 насто. Пад има и кај помалите шеми: Американ експрес се намалува од 2.723 на 1.878, што е пад од околу 31 насто, додека Дајнерс се намалува од 13.601 на 12.430, односно за 8,6 насто.
Компаниите не се тие што масовно се откажуваат од кредитни картички, туку промената доаѓа, главно, од граѓаните. Бројот на кредитни картички кај физички лица се намалува од 300.213 во јануари 2024 на 255.810 во март 2026, што е пад од околу 44.400 картички, односно 14,8 насто. Кај правните лица бројот е речиси стабилен: од 8.353 на 8.422.
Зошто кредитните картички стануваат помалку привлечни за граѓаните?
Дебитната картичка очигледно станува доволна за секојдневното плаќање. Кога бројот на дебитни картички расте за над 123.000, а кредитните паѓаат за над 44.000, тоа покажува дека граѓаните не се откажуваат од картички, туку од потребата картичката да биде кредитна.
Кредитната картичка веројатно сѐ помалку се доживува како неопходен финансиски производ. Ако плаќањата, онлајн купувањата, подигнувањето готовина и секојдневните трансакции може да се завршат со дебитна картичка, мобилно банкарство или дигитални канали, тогаш кредитната картичка останува производ што бара дополнителна причина за користење. Кредитната картичка не е само платежна алатка, туку и форма на краткорочно задолжување. Во период кога корисниците се почувствителни на трошоци, камати, провизии и финансиска дисциплина, дел од нив очигледно избираат поедноставна и поконтролирана алтернатива.
Дебитната картичка денес може речиси сѐ што можеше кредитната. Пред десет години кредитната картичка често беше неопходна за онлајн купување, резервација на патувања или плаќања во странство. Денес најголемиот дел од тие услуги се достапни и преку дебитни картички, мобилни паричници и дигитални апликации. Затоа многу корисници си го поставуваат прашањето: зошто би плаќале за кредитна картичка ако истите плаќања можат да ги направат со средствата што веќе ги имаат на сметката?
Важен пресврт е и тоа што помладите генерации, кои најмногу користат дигитални плаќања, имаат поинаков однос кон задолжувањето. Наместо однапред одобрен кредитен лимит, тие повеќе преферираат целосна контрола врз трошењето преку мобилно банкарство, известувања во реално време и плаќање со расположливи средства.
Македонија е слична на Европа
Интересно е што падот на кредитните картички не е невообичаен за Европа. Европскиот платежен пазар историски е базиран на дебитни картички и тековни сметки. Истражувањата покажуваат дека околу 70 насто од картичките во Европа имаат дебитна функција, а во многу земји нивното учество достигнува и над 80 – 90 насто од издадените картички.
И во земјите од Јадранскиот Регион се забележува силна ориентација кон дебитни картички, без драматичен раст на кредитните картички. Во Хрватска, по воведувањето на еврото и силната дигитализација на плаќањата, дебитните и бесконтактните плаќања станаа доминантен модел за секојдневни трансакции. Во Словенија веќе со години доминираат плаќањата преку банкарски сметки и дебитни картички, што е карактеристика на поголем дел од Централна Европа. Во Србија и останатиот Западен Балкан најбрзо растат бесконтактните и мобилните плаќања, додека готовината постепено губи значење, но тоа не значи автоматски дека расте и бројот на кредитните картички.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








